04/07/2008
AНКАРА, Турција -- Генерал Џејмс Картрајт, заменик-началникот на Здружениот генералштаб на американските вооружени сили, во четвртокот (3-ти јули) допатува во Анкара, на разговори околу борбата против тероризмот, вклучително и операциите против забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК). Американската амбасада вели дека Картрајт се состанал со турскиот началник на Генералштабот, генерал Јашар Бујуканит, и неговиот заменик, генерал Ергин Сајгун. Ова е трета посета на Картрајт на Анкара од ноември 2007 година. Турција, со поддршка на американските воено-разузнавачки служби, со месеци спроведува воени операции против базите на ПКК во северен Ирак.
Во другите вести, турскиот Генералштаб објави дека приморското туристичко место Анталија ќе биде домаќин на тридневниот состанок на началниците на генералштабовите на балканските земји, кој започнува в недела. На состанокот ќе присуствуваат претставници од Турција, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Македонија, Романија, Србија и Грција, како и воени делегации на НАТО и ЕУ. (Заман, Тркиш дејли њус - 04/07/08; AФП, Хуријет - 03/07/08)
04/07/2008
СКОПЈЕ, Македонија -- Мандаторот Никола Груевски ќе одржи уште еден круг разговори со Демократската унија за интеграција, Демократската партија на Албанците и Партијата за европска иднина, соопшти владиниот портпарол Ивица Боцевски. Груевски оствари трет круг консултации со трите партии во четвртокот (3-ти јули). Боцевски ги негираше гласините дека разговорите завршиле без успех, велејќи дека преговорите се одвиваат според планираното. Весникот „Утрински весник“ цитираше неименуван извор, според кој коалицискиот договор ќе биде потпишан в понеделник. (Утрински весник, Дневник - 04/07/08; Maкфакс, А1 ТВ - 03/07/08)
04/07/2008
СОФИЈА, Бугарија -- Опозицијата планира ново гласање за недоверба на владата поради проблемите со апсорбирањето на средствата на ЕУ и корупцијата, соопшти во четвртокот (3-ти јули) копретседателот на Бугарскиот народен сојуз, Стефан Софијански. Опозициските партии планираат околу една недела да разговараат во врска со иницијативата и за тоа како да го рационализираат својот случај. Според извештаите на медиумите, тие ќе ја поднесат иницијативата пред редовниот извештај на Европската комисија (ЕК) -- кој се очекува на крајот од јули -- за да го избегнат летниот одмор на парламентот пред да се одржи гласањето. Извештајот на ЕК се очекува да ја критикува Бугарија за корупцијата и злоупотребата во користењето на средствата на ЕУ во последните месеци, како и за неодамнешните скандали кои го потресоа Министерството за внатрешни работи. (24 Часа - 04/07/08; Фокус, бТВ, Дневник - 03/07/08)
04/07/2008
ЗАГРЕБ, Хрватска -- Вицепремиерот Дамир Поланчец во четвртокот (3-ти јули) рече дека покрај безбедносната полза, Хрватска ќе ужива значителни економски бенефиции од членството во НАТО следната година. На меѓународната конференција за влезот во НАТО во Загреб, Поланчец рече дека очекува членството да ги зголеми странските инвестиции и да го поттикне економскиот раст. „Потенцијалните инвеститори ќе се чувствуваат посигурни сега, кога ќе одлучуваат да инвестираат во Хрватска. Тоа е од особена важност, бидејќи ние сакаме да привлечеме повеќе инвеститори што ќе ги градат објектите за инвестициите отколку што тоа беше случајот во минатото, кога такви имаше многу малку“, рече Полачец.
Исто така во четвртокот, хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Јандроковиќ, се состана со својот чешки колега, Томас Појар. Тие го пофалија сегашното ниво на билатералните врски, при што Јандроковиќ посочи дека поддршката на неговата земја добро ќе дојде за време на чешкото претседателствување со ЕУ, кое започнува во јануари. (Вјесник - 04/07/08; Javno.com, ХИНА, Ројтерс - 03/07/08)
04/07/2008
САРАЕВО, Босна и Херцеговина (БиХ) -- Главниот заменик висок претставник Рафи Грегоријан во четвртокот (3-ти јули) изрази поддршка за набљудувачката група за корупција, невладината Трансперенси интернешнал БиХ (ТИ БиХ). Претходно оваа недела премиерот на Република Српска (РС) Милорад Додик рече дека бил свесен за злоупотребите од страна на ТИ БиХ, вклучително и рекетирањето и уцената на некои бизнисмени во РС. Грегоријан се состана со претставници на ТИ БиХ и потоа изјави дека организацијата „никогаш не била контактирана од полицијата и испрашувана, па ниту, пак, добила какво било судско известување. Претставници на владата на РС постојано даваа изјави за правни дејства против организацијата, што никогаш не резултираа со конкретни дејства. Ако некој верува дека постои граѓански или кривичен случај кој треба да се одговори, тоа треба да се стори преку судовите, а не преку јавни соопштенија“. (веб-страница на ОХР, Фена - 03/07/08)
04/07/2008
ПОДГОРИЦА, Црна Гора -- Премиерот на Република Српска (РС) Милорад Додик во четвртокот (3-ти јули) во Подгорица се состана со црногорскиот колега Мило Ѓукановиќ и предложи потпишување договор за специјални врски помеѓу ентитетот и Црна Гора. Додик рече дека Дејтонскиот договор да й дава на РС право да потпишува такви договори. РС веќе има еден таков договор со Србија, и покрај острите критики на другиот ентитет, Федерацијата на БиХ. Додик и Ѓукановиќ, исто така, разговараа за соработката во областа на енергијата, транспортот и туризмот, како и можноста за изградба дополнителен граничен премин.
Maкедонскиот претседател Бранко Црвенковски беше, исто така, во Подгорица во четвртокот, при што се состана со претседателот Филип Вујановиќ. Тие се фокусираа на напорите за зајакнување на економските односи и можноста двете земји да се поддржат меѓусебно во своите напори за евроатланска интеграција. По состанокот Вујановиќ изјави дека ќе биде воспоставен редовен авионски транспорт помеѓу Црна Гора и Македонија. (РТРС, ПБС, РТЦГ, МРТ, МИА - 03/07/08)
04/07/2008
БУКУРЕШТ, Романија -- Американскиот амбасадор во Романија, Николас Таубман, рече дека неговата земја е решена да го зајакне своето стратешко партнерство со Романија. Во изјавата по повод американскиот Ден на независноста на 4-ти јули, Таубман рече дека соработката не е ограничена на одбранбениот и воениот сектор, бидејќи американските претпријатија како „Форд“ и „Емерсон“ отвориле објекти во Романија оваа година. Таубман, исто така, им честиташе на романските власти на нивната организација на самитот на НАТО во Букурешт во април и й се заблагодари на Романија за нејзинио придонес во меѓународните мировни напори. (Ромпрес, Медиафакс - 04/07/08)
04/07/2008
ПРИШТИНА, Косово -- Во извештајот насловен како „Четири години подоцна“, објавен во четвртокот (3-ти јули) ОБСЕ го критикуваше косовското судство за водењето на случаите во врска со немирите од март 2004 година. Во извештајот се истакнуваат континуираните тешкотии во обезбедувањето изјави на сведоците, раширеното неказнување на наводните извршители и долгите одложувања на судските постапки. Според извештајот, судовите во многу случаи не го земале предвид етничкиот мотив како отежнувачки фактор. Тим Гулдиман, шеф на мисијата на ОБСЕ истакна: „Делата не можат да се поправат, но може да следи законско дејство“. Деветнаесет луѓе загинаа, а преку 900 беа повредени во немирите што се раширија низ цело Косово од два етнички мотивирани инциденти.
Во другите вести од четвртокот, претседателот Фатмир Сејдиу потпиша декрет за отворање косовска амбасада во Турција. Досега се потпишани декрети за амбасади во девет земји, но не е јасно кога точно треба тие да се отворат. (Косовалајв, Косовапрес, TurkishPress.com - 04/07/08; веб-страница на ОБСЕ, Б92, Maкфакс - 03/07/08)
04/07/2008
НИКОЗИЈА, Кипар -- Пратениците во четвртокот (3-ти јули) го ратификуваа Лисабонскиот договор, документ кој ја рационализира работата на проширената ЕУ. Со 31 наспрема 17 гласа и еден воздржан, Кипар стана 20-тата членка на ЕУ која го ратификуваше договорот. Владејачката Комунистичка партија гласаше против ратификацијата, тврдејќи дека европските граѓани немаат доволен придонес во финалната подготовка на договорот. За да стапи на сила на 1-ви јануари 2009 година, истиот мора да биде ратификуван од сите 27 земји-членки на ЕУ. (Катимерини, Сајпрус мејл, Филелефтерос - 04/07/08, КНА, АНА-МПА, Нафтеборики - 03/07/08)