Косовските водачи се состанаа со британските водачи во Лондон

21/11/2008

ЛОНДОН, Велика Британија -- Секретарот за надворешни работи, Дејвид Милибенд, во четвртокот (20-ти ноември) ја поздрави иднината на Косово „во европското семејство“ за време на состанокот со претседателот на младата држава, Фатмир Сејдиу, и премиерот Хашим Тачи во Лондон. Милибенд ја поздрави решеноста на властите да го поддржат распоредувањето на мисијата предводена од ЕУ во Косово, ЕУЛЕКС, истакнувајќи дека распоредувањето претставува клучна фаза во развојот на нивната земја. Тачи го потврди противењето на Приштина на планот од шест точки за распоредувањето, предложен од генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун. Тој рече дека Косово има свој сопствен план од четири точки кој предвидува распоредување во сите области, вклучително и оние каде што доминира српското население.

Во другите вести, косовската полиција уапси три лица во средата, во врска со експлозијата во Меѓународната цивилна канцеларија во Приштина пред една недела. Во четвртокот властите објавија дека се работи за германски државјани, во посета на Косово. (AФП, Бета, веб-страница на Министерството за надворешни работи и Комонвелтот, Коха Диторе, Експрес, Лајм, Зери, Косова Сот - 21/11/08; ДПА, АП, Ројтерс, АФП - 20/11/08)

Eкспертите го критикуваат Косово за неактивност по прогласувањето независност

21/11/2008

ПРИШТИНА, Косово -- На дискусиите на тркалезна маса во четвртокот (20-ти ноември) во Приштина, експертите ги критикуваа косовските водачи за неактивност на светската сцена, откако младата држава прогласи независност во февруари. Фондацијата „Фридрих Еберт“ ја организираше тркалезната маса. Учесниците рекоа дека Косово ја губи динамиката поради својот „летен сон“ и поради тоа што нема операционен план за управување со ситуацијата по независноста и сé уште не ја воспостави својата власт низ цело Косово.

Во другите вести од четвртокот, британскиот амбасадор во Белград, Стивен Вордсворт, предвиде договор за реструктуирање на УНМИК до крајот на следната недела. Вордстворт рече дека иако неговата земја го поддржува планот од шест точки на ОН за распоредување на мисијата предводена од ЕУ, ЕУЛЕКС, во Косово, Лондон сака договор што ќе биде прифатлив за сите. (Коха Диторе, Експрес, Зери, Телеграфи, РТК, Кохавижн - 21/11/08)

Поранешниот бугарски министер за внатрешни работи ослободен од обвинението за обелоденување доверливи информации

21/11/2008

СОФИЈА, Бугарија -- Румен Петков, член на парламентот од Бугарската социјалистичка партија, беше ослободен во четвртокот (20-ти ноември) од обвиненијата дека открил доверливи информации додека бил министер за внатрешни работи. Во текот на неговите последни денови на функцијата, Петков јавно идентификувал агент на Агенцијата за национална безбедност, претпоставувајќи дека името на агентот веќе й било познато на јавноста. Иако неговиот чин бил ненамерен, многумина претпоставуваа дека најмалку што ќе добие ќе биде парична казна. Сепак, Градскиот суд на Софија, го ослободи од сите обвиненија. Петков поднесе оставка на функцијата министер за внатрешни работи во април, неколку недели по избувнувањето на скандалот во кој високи функционери беа поврзани со бизнисмени во истрагата за даночни измами и трговија со дрога. (Дарик, Нетинфо, Фокус, Софиска новинска агенција - 20/11/08)

Романската коалиција ПСД-ПК вели дека не бара потенцијални партнери

21/11/2008

БУКУРЕШТ, Романија -- Водачот на најголемата опозициска партија, Социјалдемократската партија (ПСД), Мирчеа Џоана, во четвртокот (20-ти ноември) одлучи дека ако коалицијата на ПСД со Конзервативната партија (ПК) победи на изборите на 30-ти ноември, ќе владее самостојно, „без компромиси со другите десничарски партии“. Покрај ова, Џоана рече дека верува оти транзицијата помеѓу сегашната администрација и следната треба да се случи што е можно поскоро, веднаш по изборите, со цел справување со последиците од тековната економска криза. Според заменик-претседателот на ПСД, Кристијан Диаконеску, ако ПСД-ПК победи на изборите, Џоана ќе стане премиер. (Котидианул - 21/11/08; Медиафакс, Ромпрес - 20/11/08)

Продолжена мисијата на ЕУФОР во БиХ

21/11/2008

САРАЕВО, Босна и Херцеговина (БиХ) -- Советот за безбедност на ОН во четвртокот (20-ти ноември) едногласно одлучи да го продолжи за уште една година мандатот на мировната мисија на ЕУ во БиХ, ЕУЛЕКС. Тринаесет години по крајот на борбите, Советот за безбедност ги потсети муслиманите, Србите и Хрватите во БиХ дека главната одговорност за Дејтонскиот мировен договор, со кој заврши конфликтот, им припаѓа ним. (РТРС, СРНА - 21/11/08; АП, ОХР, Дневни аваз, Танјуг, Онаса, РТРС, СРНА - 20/11/08)

Грчките затвореници го прекинаа штрајкот со глад откако владата им вети дека ќе ослободи 5.500 од нив

21/11/2008

АТИНА, Грција -- Затвореници го прекинаа 18-дневниот штрајк со глад во четвртокот (20-ти ноември), откако владата им вети дека ќе ослободи илјадници од нив следната година. Групата која ги претставува затворениците рече дека тие ќе почнат да јадат повторно во петок. Одлуката беше донесена откако Министерството за правда вети предлог-закон кој предвидува предвремено ослободување на околу 5.500 затвореници до април, за да се намали пренатрупаноста на затворите. Моментно има 12.300 затвореници во системот со официјален капацитет под 8.300.

Во другите вести од четвртокот, Бугарија објави дека ќе помилува 3.300 затвореници, или 23 отсто од сите затвореници, во обид да ја намали пренатрупаноста. Министерката за правда, Миглена Тачева, вели дека 12.000 затвореници се зад решетки во локалните затвори, трипати повеќе од капацитетот. (Дневник - 21/11/08; AП, АНА-МПА, Макфакс, Нафтемборики, Дневник, АФП - 20/11/08)

Албанскиот парламент расправа за предлог-буџетот за 2009 година

21/11/2008

ТИРАНА, Албанија -- За време на парламентарната расправа за предлог-буџетот за 2009 година во четвртокот (20-ти ноември) премиерот Сали Бериша рече дека овој предлог-буџет е историски и рече дека истиот претставува исполнување на ветеното. „Во изминатите четири години, собравме 100 отсто повеќе средства од вас“, им рече Бериша на членоите на опозициската Социјалистичка партија (СП), додавајќи дека буџетот ќе го унапреди економскиот раст. Бериша истакна дека трошоците ќе одат за зголемување на платите и пензиите со цел да се исполнат предизборните ветувања. СП остро реагираше на предложените цифри. Буџетот од 2009 година се очекува да исплати 4 милијарди евра, што го прави најголем во албанската историја. (ББС, Њус 24, Топ стори, Клан - 20/11/08)

Романија потпиша договор за два нови нуклеарни реактори

21/11/2008

БУКУРЕШТ, Романија -- Државниот романски нуклеарен оператор Нуклеарелектрика во четвртокот (20-ти ноември) потпиша договор за изградба на два нови реактори во нуклеарната централа Чернавода до 2015 година. Министерот за финансии и економија, Варујан Восганијан, рече дека „ова е многу голем чекор за зголемување на романската енергетска сигурност“. Шест претпријатија го потпишаа договорот од 4 милијарди евра -- француското ГДФ Суез, германското РВЕ, чешкото ЦЕЗ и италијанското АрчелорМитал, со по 6,2 отсто за секое. Нуклеарелектрика ќе има 51 отсто од акциите во име на државата. (Mедиафакс, Реалитатеа, Ројтерс, РИА Новости - 20/11/08)

Албанија е подготвена да прифати затвореници од Гвантанамо

21/11/2008

ЊУЈОРК, САД -- Специјалниот известувач на ОН за тортура, Манфред Новак, во четвртокот (20-ти ноември) објави дека Албанија, заедно со Швајцарија и голем број други европски земји, се согласила да ги прифати затворениците од затворот во Заливот Гвантанамо ако не можат да се вратат во своите татковини по затворањето на затворот. Новоизбраниот американски претседател Барак Обама вети за време на предизборната кампања дека ќе го затвори овој објект, во кој се затворени осомничените за тероризам. Тој потоа вети дека затворениците ќе бидат судени или ќе бидат ослободени. Новак вели дека околу 100 лица во Гвантанамо се соочуваат со прогон и тортура ако се вратат во своите земји. (AП - 20/11/08)

Турски градоначалник осуден на затворска казна за ширење пропаганда за ПКК

21/11/2008

AНКАРА, Турција -- Судот во Дијарбакир во четвртокот (20-ти ноември) осуди градоначалник на 15 месеци затвор за давање изјава со поддршка за терористичката Курдистанска работничка партија (ПКК). Ахмет Ертак е градоначалник на округот Сирнак во една од општините во југоисточната провинција Сирнак, каде што честопати се судираат членовите на ПКК и турската војска. Судот го прогласи за виновен за терористичка пропаганда. Според обвинението, во извештајот што го објави францускиот канал 24 Часа, Ертак побарал помош за ПКК, која Турција, ЕУ и САД ја сметаат за терористичка организација. (НТВ, Бианет, Хуријет, Милијет - 20/11/08)