15/10/2008
БРИСЕЛ, Белгија -- Министерскиот совет на ЕУ во вторникот (14-ти октомври) го одобри предлогот за американско учество во мисијата на ЕУ, ЕУЛЕКС, во Косово. Вашингтон даде уверување дека неговите војници ќе „учествуваат во мисијата во согласност со заедничкиот акционен и оперативен план на ЕУЛЕКС“. Според програмата, командантот на ЕУЛЕКС, Ив де Кермабон, ќе ги командува и контролира сите тимови и единици, кои сега вклучуваат 500 меѓународни членови и околу 200 лица локален персонал. Косовските власти велат дека распоредувањето се смета за „итна потреба“.
Во другите вести од вторникот, министерот за финансии, Ахмет Шала, рече дека Косово најверојатно ќе стане член на ММФ и Светската банка набрзо, најверојатно следната година. За време на официјалната посета на Вашингтон, Шала за ББС изјави дека повеќето земји-членки на ММФ го поддржале членството на Косово. Србија и Русија нема да можат да го блокираат овој чекор, додаде тој.
Исто така во вторникот, Обединетите Арапски Емирати ја признаа независноста на Косово, прва арапска држава што го стори тоа. Белгија, Холандија и Луксембург објавија дека ги признаваат новите косовски пасоши.
Во меѓувреме, штрајкот на здравствените работници во Косово заврши во вторникот, откако синдикатите и владата се договорија за зголемување на платите, почнувајќи од јануари. (Косова Сот, Експрес, Коха Диторе, Зери - 15/10/08; ТВ21, Кохавижн - 14/10/08)