15/10/2008
СКОПЈЕ, Македонија -- Министерството за надворешни работи во вторникот (14-ти октомври) й предаде протестна нота на шефицата на Грчката канцеларија за врски во Скопје, Александра Пападопулу, по притворањето на четворица македонски новинари во Грција претходно истиот ден. „Македонија го смета [апсењето на новинарите] за нехуман чин“, се вели во протестната нота, и се повикуваат грчките власти да преземат соодветни мерки и да спречат вакви инциденти во иднина. Полицијата притвори четворица новинари -- двајца репортери и еден камерман од телевизиските канали А1 и А2 и дописник на весникот „Нова Македонија“ -- во селото Забрдани, во близина на северниот град Лерин. Тие беа испрашувани повеќе од еден час во полициска станица и мораа да покажат специјални дозволи што ги издава Грција за снимање. Подоцна, полицијата ги ослободи, но им забрани да разговараат со локалните жители. Македонскиот премиер Никола Груевски ја опиша оваа епизода како „шокантна“.
Грчката влада одговори, опишувајќи ги изјавите на Скопје како уште еден „провокативен обид за целосно искривување на реалноста“ и „неприфатлив обид за мешање во внатрешните работи на Грција“. (Вечер, Дневник, Утрински весник, Елефтеротипија, Катимерини - 15/10/08; MИА, Макфакс, А1, Сител, АНА-МПА, ЕРТ, Нафемборики - 14/10/08)