Турција ќе формира ново координативно тело за борба против ПКК

15/10/2008

АНКАРА, Турција -- Високиот одбор за контратероризам (ТМЈК) во вторникот (14-ти октомври) предложи формирање ново тело, кое ќе работи под закрилата на Министерството за внатрешни работи, и кое ќе ги координира активностите против терористичката Курдистанска работничка партија (ПКК). На состанокот со кој претседаваше премиерот Реџеп Тајип Ердоган, ТМЈК направи проценка на „сите димензии на борбата против тероризмот, вклучително и нејзините социоекономски, дипломатски и правни аспекти“, според официјалното соопштение. На својот следен состанок ТМЈК се очекува да подготви сеопфатна карта со насоки за борбата, која ќе вклучува од воени па сé до политички мерки.

Исто така во вторникот, милитантите на ПКК нападнаа армиски конвој во источната провинција Тунчели, при што ранија пет турски војници, објавија извори на војската. Борбите продолжуваат, при што армијата испраќа засилувања во областа. Армиски хеликоптери ги бомбардираа членовите на ПКК одговорни за нападот, според овие извори. (Заман, Хуријет, новинска агенција Анадолу, новинска агенција Доган, НТВ, АФП - 14/10/08)