12/10/2008
АНКАРА, Турција -- Генералштабот во саботата (11-ти октомври) објави дека турските вооружени сили нападнале 31 база кои ги користи терористичката Курдистанска работничка партија (ПКК) во регионот Хакурк во северен Ирак во петокот вечер. Ова беше дел од еднонеделната операција против ПКК, како одмазда за нападот на југоисточна Турција, во кој загинаа 17 турски војници. Претседателот Абдула Ѓул во саботата рече -- за првпат јавно -- дека Турција води разговори со властите во северен Ирак за евентуалните мерки за спречување на активностите на ПКК таму. Исто така во саботата, комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, ја предупреди Турција дека мерките против курдските милитанти не треба да ги кршат човековите права.
Во другите вести од саботата, полицијата во Истанбул објави дека уапсила една жена со 20 килограми експлозив. Полицијата вели дека експлозивите требало да се искористат во терористички напад во централната градска област Сисли.
Во меѓувреме, во Брисел, стотици Курди кои со автобуси пристигнаа од Германија, Франција и Холандија, одржаа протести во саботата за ослободување на Абдула Оџалан. Поранешниот водач на ПКК одлежува доживотна затворска казна за сепаратизам, во затвор во Турција. (Ватан - 12/10/08; Ројтерс, АФП, ДПА, Хуријет, РИА Новости, новинска агенција Анадолу, НТВ - 11/10/08)