12/10/2008
САРАЕВО, Босна и Херцеговина (БиХ) -- Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, во петокот (10-ти октомври) рече дека 2009 година ќе биде „година на Западен Балкан“ и клучна година за процесот на проширување на ЕУ. Говорејќи на форумот Кран Монтана во Сараево, на кој присуствуваа повеќе од 400 официјални претставници од регионот и од целиот свет, Рен рече дека ЕУ е можно да го укине визниот режим за граѓаните на Западен Балкан следната година.
Во врска со Хрватска, Рен рече дека разговорите за пристапување „се одвиваат добро“ и дека за Црна Гора, усвојувањето на страндардите на ЕУ „се одвива нормално“. Што се однесува до Србија, Рен рече дека земјата може да добие кандидатски статус во ЕУ до 2009 година. Рен ја пофали Турција за нејзината конструктивна улога во решавањето на кавкаската криза и нејзините дипломатски активности во врска со Сирија, Ерменија и Блискиот Исток. Сепак, тој го критикуваше бавното темпо на домашните реформи во Турција. Рен рече дека главниот предизвик во Албанија и понатаму е „владеењето на правото“. Што се однесува до Босна и Херцеговина, Рен рече дека земјата мора да работи понапорно за реформа на својот устав и треба да спроведе попис на населението за да ги зајакне своите перспективи за пристап во ЕУ. Тој рече дека Косово е меѓу „приоритетите“ на ЕУ. (Б92, Јуропиан војс, АФП, АП, Бета, Танјуг - 10/10/08)