30/09/2008
СТРАЗБУР, Франција -- Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПАЦЕ) во понеделникот (29-ти септември) ги повика двете заедници во Кипар да ја искористат актуелната шанса за повторно обединување на поделениот остров. Неодамнешното продолжување на разговорите нуди охрабрувачки исходи, кои би биле од корист за двете заедници, вели ПАЦЕ во предлог-извештајот подготвен од германскиот парламентарец Јоаким Хорстер. Во него, исто така, се повикуваат двете страни да усвојат дополнителни мерки на градење на довербата, со цел зголемување на шансите за успех.
Исто така во понеделникот, кипарскиот претседател Деметрис Христофиас рече дека двете заедници ќе мора заеднички да се соочат со проблемот со недостатокот на вода на островот. Сепак, Христофиас ги минимизираше извештаите во печатот, велејќи дека прашањето на транспортот на вода од Турција влегува во рамките на тековните преговори за повторно обединување на островот. Прашањето не беше директно покренато за време на разговорите со водачот на кипарските Турци Мехмет Али Талат, рече Христофиас пред да замине за Стразбур, каде што во вторникот имаше обраќање пред ПАЦЕ. (новинска агенција Анадолу, Хуријет, КНА, Фамагуста газете, Политис - 29/09/08)