30/09/2008
САРАЕВО, Босна и Херцеговина (БиХ) -- Поранешниот командант на босанските Хрвати Славко Сакиќ во понеделникот (29-ти септември) доби затворска казна од осум и пол години за воените злосторства извршени врз босанските муслимани за време на конфликтот во периодот 1992-1995 година. Босанскиот трибунал за воени злосторства го осуди Сакиќ (35) по неговото апсење во мај. Тој се изјасни за виновен по обвиненијата за учество во „убиството на едно лице“ и „тортурата на цивилните воени затвореници“ во Бугојно, централна Босна, во јули 1993 година. Тој нема да поднесе жалба на пресудата.
Во другите вести од понеделникот, шефот на Директоратот за европска интеграција, Осман Топчагиќ, рече дека БиХ исполни само 13 од 30 приоритетни задачи според Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, кој го потпиша на средината од јуни. Меѓу целите што се остварени се усвојувањето на законите за фискалниот совет, земјоделскиот и руралниот развој, лекарствата и средното обвразование. Сепак, главните недостатоци се во врска со законите за банкарска контрола, државните средства, обврзниците, заштитата на животната средина, измените во изборниот закон поврзани со членовите на претседателството, стратегија за мали и средни претпријатија и формирање социоекономски совет. Топчагиќ рече дека БиХ ги подготвила законите, но мора да собере политичка волја за да ги усвои. (AФП, Дневни аваз, Мондо, Танјуг, Независне новине - 29/09/08)