19/09/2008
ПРИШТИНА, Косово -- Барањето на Србија за проверка на еднострано прогласената независност на Косово пред Меѓународниот суд на правдата е жално, рече данскиот премиер Андерс Фог Расмусен во четвртокот (18-ти септември) во Приштина, откако се состана со водачите. Расмусен додаде дека данското признавање на Косово беше целосно во согласност со меѓународното право и дека независноста претставува неповратен процес и единствено можно решение. Тој ги повика и другите земји да го признаат Косово. Премирот Хашим Тачи, од своја страна, рече дека иднината на Косово минува низ Бризел и Вашингтон, а не низ Белград.
Во другите вести од четвртокот, шефот на ЕУЛЕКС, генерал-полковник Ив де Кермабон, рече дека е подготвен да оди во Белград и дополнително да ја објасни улогата и мандатот на ЕУЛЕКС во Косово. Целта ќе биде српските власти да го прифатат целосното распоредување на мисијата, вклучително и во северниот дел, каде што доминира српското население.
Исто така во четвртокот, австрискиот дипломат Вернер Алмхофер, стана нов шеф на мисијата на ОБСЕ во Косово. Финска, актуелен претседавач на ОБСЕ, го номинираше. Алмхофер (48) ќе го замени Швајцарецот Тим Гулдиман. (Коха Диторе, Лајм, Зери, Телеграфи, РТК, Експрес, Косова Сот, ИТАР-ТАСС, Танјуг, Б92, ДПА, АПА - 18/09/08)