19/09/2008
ПРАГА, Чешка -- Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, во четвртокот (18-ти септември) рече дека очекува интеграцијата на Србија во ЕУ да се интензивира во 2009 година. Говорејќи во Прага на конференција за односите помеѓу ЕУ и Западен Балкан, Рен истакна дека Србија би сакала да добие кандидатски статус следната година. Тој го окарактеризира престојното чешко претседавање со ЕУ во првата половина од 2009 година како клучен период за Западен Балкан и време кога нивните аспирации за пристап во ЕУ ќе добијат вистински поттик.
Во врска со Македонија, Рен рече дека ЕУ ќе го оцени спроведувањето на клучните приоритети наведени во Асоцијативното партнерство, особено во областите на судските реформи, административните реформи и изборните стандарди. Спроведувањето на договорот за стабилизација и асоцијација претставува главен предизвик за Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина
Тој рече дека Косово ќе биде централна точка за време на чешкото претседателствување со ЕУ, истакнувајќи ја важноста на успешното распоредување на мисијата ЕУЛЕКС таму.
Разговорите за пристапување со Хрватска се одвиваат добро, рече Рен, додавајќи дека очекува поголем дел од преостанатите поглавја од преговорите да биде отворен оваа есен. Преговарачите може да затворат многу поглавја до следната пролет, што ќе овозможи завршување на техничките разговори до крајот на следната година, рече Рен. (веб-страница на ЕУ, ДПА, Б92, Танјуг, Макфакс - 18/09/08)