16/09/2008
ТИРАНА, Албанија -- Смртта на бизнисменот Коста Требицка, клучен сведок во истрагата за нелегалната трговија со муниција, предизвика вжештена расправа во парламентот во понеделникот (15-ти септември). Опозициските социјалистички пратеници ја обвинија владата на премиерот Сали Бериша за тоа што не успеа да го заштити Требицка за време на истрагата. Бериша, од своја страна, ја обвини опозицијата дека го користи ова прашање за политички цели. Требицка беше пронајден мртов во петокот, по сообраќајна несреќа со автомобил. Минатата година тој сведочеше пред албанските и американските инспектори дека американското претпријатие АЕЈ инк. купило стара кинеска муниција од Албанија, која требало да ја користи авганистанската армија и полиција. Фирмата, наводно, ја препакувало муницијата во Албанија за да го скрие нејзиното потекло. Во другите вести, Џанфранко Фини, претседател на италијанскиот Пратенички дом, ја посети Тирана во понеделникот, при што рече дека италијанскиот парламент наскоро ќе го ратификува протоколот за членство во НАТО за Албанија. Фини ја потврди поддршката на Италија за процесите на интеграција на Албанија во ЕУ и НАТО. (ББС, ВОА, Балканвеб, Топ ченал, Коха диторе, Коха јоне, Шекули - 16/09/08; Tоп ченал, Клан, Алсат - 15/09/08)