05/09/2008
ПРИШТИНА, Косово -- Претседателот Фатмир Сејдиу во четвртокот (4-ти септември) рече дека УНМИК не може да биде посредник на евентуалниот состанок помеѓу него и српскиот колега Борис Тадиќ. „Ние го сметаме УНМИК за олеснувач во процесот на затворање на неговата мисија“, рече Сејдиу. Тој истакна дека е подготвен да се состане со Тадиќ само ако разговорите се организирани како состанок помеѓу претседателите на две независни држави. Тој ја отфрли можноста за разговори околу прашањата поврзани со статусот на Косово.
Во другите вести од четвртокот, германскиот министер за надворешни работи, Франк-Волтер Стајнмаер, рече дека неговата земја нема да ја поддржи иницијативата на Србија да побара мислење од Меѓународниот суд на правдата за еднострано прогласената независност на Косово од Србија во февруари. „Веќе го признавме независно Косово. Ние немаше да го сториме тоа ако верувавме дека одлуката е спротивна на меѓународното право“, им рече Стајнмаер на новинарите по состанокот со својот српски колега Вук Јеремиќ. „Дојде моментот кога Србија треба да погледне напредок кон иднината, а не назад“, истакна Стајнмаер. (Коха Диторе, Зери, Експрес, Б92, Бета, РТС, ДПА - 05/09/08)