05/09/2008
БЕЛГРАД, Србија -- Политичките партии во парламентот во четвртокот (4-ти септември) постигнаа договор за поддршка на Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА) со ЕУ. Најголемата опозициска Српска радикална партија (СРС) се согласи да го поддржи ДСА откако владата го прифати нејзиниот предлог за измена на предлог-законот за ратификацијата, рече заменик-претседателот на СРС, Томислав Николиќ. „Ние не го променивме самиот договор, но законот за ратификацијата ќе вклучува обврска за српската влада да го толкува ДСА со Косово како интегрален дел од Србија“, рече Николиќ.
Вицепремиерот Божидар Ѓелиќ рече дека договорот претставува знак за „нов национален консензус за интеграцијата на ЕУ“. Само Демократската партија на Србија и Нова Србија сé уште се противат на усвојувањето на ДСА. Тие тврдат дека амандманот предложен од СРС не ја обврзува ЕУ да го почитува територијалниот интегритет и суверенитет на Србија.
Во другите вести од четвртокот, Ѓелиќ рече дека верува оти Европската комисија (ЕК) ќе го одблокира привремениот трговски договор со Србија на својот состанок на 15-ти септември. Тој потврди дека една од целите на владата останува додавање на Србија на белата Шенген листа до крајот на годинава.
Исто така во четвртокот, комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, рече дека идните чекори на Србија кон членството во ЕУ ќе бараат едногласна одлука на сите членки на ЕУ. Во интервју за Б92 Рен рече дека по посетата на главниот обвинител на Хашкиот трибунал Серж Брамерц на Белград следната недела ЕК уште еднаш ќе ја разгледа соработката на Србија со судот за да утврди дали ќе го спроведе привремениот трговски договор. Тој рече дека апсењето во јули на поранешниот водач на босанските Срби, Радован Караџиќ, претставува „важен чекор кон ЕУ треба да го признае“. (Бета, Танјуг, Б92, РТС, Фонет - 04/09/08)