03/09/2008
ПРИШТИНА, Косово -- Претседателот Фатмир Сејдиу во вторникот (2-ри септември) ги назначи првите десетмина дипломатски претставници, по номинациите од страна на владата минатата недела. „Тоа е одлука што ја донесовме по темелни консултации. Мислам дека направивме извонреден избор“, рече Сејдиу на прес-конференција. Косово ќе биде претставено во Албанија, Австрија, Белгија, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Швајцарија, Турција и Соединетите Држави со вршители на должноста кои подоцна ќе станат амбасадори.
Исто така во вторникот, Сејдиу изрази подготвеност да се состане со својот српски колега, Борис Тадиќ, но само во присуство на меѓународни претставници. Иако процесот на статусот на Косово не може да биде предмет на идните разговори, тој рече: „Прашањата поврзани со односите помеѓу суверените држави, мора да бидат решени“. (Коха диторе, Зери, РТК, Косовалајв, ББС, Експрес - 03/09/08)