Велика Британија ја повика Црна Гора да го признае Косово

01/09/2008

ПОДГОРИЦА, Црна Гора -- Британскиот амбасадор во Подгорица, Кевин Лин, ја повика Црна Гора да го признае Косово, велејќи дека сега „е вистинското време“ за еден ваков потег. Во интервју за весникот Побједа во саботата (30-ти август) Лин рече дека е убеден дека признавањето ќе стане реалност пред самитот на ЕУ во септември. „Сфаќам дека косовското прашање е многу чувствително за Црна Гора и нејзините односи со Белград и Приштина, но ние веруваме дека сега е вистинското време Црна Гора да го признае Косово“, истакна амбасадорот. Тој, исто така, рече дека неговата земја има многу добри односи со Црна Гора, што верува дека ќе й помогне на Подгорица да се доближи до членството во ЕУ и НАТО.

Во другите вести, Рамуш Харадинај, водач на Сојузот за иднината на Косово (ААК), во неделата рече дека Приштина е можно да оствари директни разговори со Белград, ако двете страни се согласат за некои прашања. Во интервју за ББС, Харадинај рече дека шефот на УНМИК, Ламберто Заниер, не треба да посредува во разговорите, бидејќи Косово е независна држава која може да одлучи за што ќе разговара со Србија и може да побара свој сопствен посредник. Харадинај, исто така, рече дека актуелната дипломатија на Косово е неуспешна и рече дека таа е виновна за влошувањето на ситуацијата на север од прогласувањето независност во февруари. (Бета, Б92, РБК, ББС, Телеграфи, Топ ченал - 31/08/08; Побједа, Косовапрес - 30/08/08)