Властите на кипарските Турци ги спречија кипарските Грци да присуствуваат на православна богослужба

01/09/2008

НИКОЗИЈА, Кипар -- Властите на кипарските Турци одбија да им дозволат на кипарските Грци да влезат во турскиот дел од островот за да присуствуваат на традиционалната православна литургија, рече во саботата (30-ти август) кипарскиот претседател Деметрис Христофиас. Одбивањето го спречи одржувањето литургија во православната црква на Св.Мамас во градот Морфу, каде што секоја година на 2-ри септември се одржува традиционалниот аџилак на денот на Св.Мамас. Христофиас рече дека одлуката на кипарските Турци „не е најдобар знак“, само неколку дена пред почетокот на директните разговори за повторно обединување помеѓу него и водачот на кипарските Турци, Мехмет Али Талат, в среда. (КНА, Фамагуста газете, Филелефтерос - 31/08/08)