Додик ги минимизираше намерите за отцепување на РС

29/08/2008

САРАЕВО, Босна и Херцеговина (БиХ) -- Премиерот на Република Српска (РС) Милорад Додик во четвртокот (28-ми август) ги минимизираше стравувањата дека РС може да прогласи независност. Во интервју за новосадскиот весник Дневник, Додик рече дека владата на РС ќе продолжи да се придржува на Дејтонскиот мировен договор. Тој, сепак, додаде дека нема да се двоуми да започне отцепување ако бошњачките политичари се обидат да ја укинат РС.

„Ако сараевските политичари покажат политичка волја и јасно и недвосмислено кажат дека РС и српскиот народ се потребни во децентрализирана, демократска, и најважно, економски просперитетна БиХ, една таква заедница е прифатлива за нас“, рече Додик. (Дневник, Б92, РТРС - 28/08/08)