29/08/2008
ХАГ, Холандија -- Судењето на поранешниот српски претседател Милан Милутиновиќ и петмина други обвинети за злосторства во Косово во 1999 година заврши во Трибуналот на ОН за воени злосторства во средата (27-ми август), објавија медиумите во четвртокот. Судијата која претседаваше со судењето, Јан Бономи, објави дека пресудата ќе биде донесена „што е можно побргу“. Милутиновиќ и другите со него се обвинети за принудно раселување, депортации, убиства и прогон на косовски Албанци во првата половина од 1999 година. Другите обвинети се: југословенскиот вицепремиер Никола Шаиновиќ и генералите Драгољуб Ојданиќ, Небојша Павковиќ, Владимир Лазаревиќ и Сретен Лукиќ. Судењето, кое започна само пред две години, вклучуваше преку 200 сведоци.
Во другите вести, српскиот обвинител за воени злосторства, Владимир Вукчевиќ, во четвртокот рече дека очекува воениот командант на армијата на босанските Срби Ратко Младиќ да биде наскоро уапсен. Во интервју за АП, Вукчевиќ рече дека верува оти Младиќ се крие во Србија и најверојатно не го променил својот изглед, како поранешниот водач на босанските Срби Радован Караџиќ. Според обвинителот, Младиќ и Караџиќ имаат „сосема различни личности“. Двајцата се обвинети за геноцид. (Б92, Бета, ЕМпортал, АП - 28/08/08)