29/08/2008
ХАГ, Холандија -- Поранешниот водач на босанските Срби Радован Караџиќ во петок (29-ти август) одби да се изјасни во Трибуналот на ОН за воени злосторства, каде што се соочува со обвиненија во врска со војната во Босна во периодот 1992-1995 година. Според правилата на судот, судиите дадоа изјаснување за невиност во негово име.
Тоа беше второ појавување на Караџиќ во суд. На неговото прво сослушување на 31-ви јули тој, исто така, одби да се изјасни, и наместо тоа ја доведе во прашање легитимноста на судот. Тој се соочува со 11 точки од обвинението, вклучувајќи геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, макар што судот чека да слушне дали обвинителите ќе го изменат обвинението. Неговото судење се очекува да започне следната година.
Минатата недела претседателот на МКТЈ Фаусто Покар го префрли случајот на Караџиќ од Судската комисија еден на Судската комисија три, со која претседаваше јамајканскиот судија Патрик Робинсон. Потегот уследи два дена откако Караџиќ испрати писмо до Покар во кое бараше промена на судијата. Тој тврдеше дека холандскиот судија Алфонс Ори, кој ја предводеше Судската комисија еден, е пристрасен и не може да гарантира фер судење. Тројцата судии кои го одржаа рочиштето од случајот против Караџиќ во петок се: Робинсон, британскиот судија Јан Бономи и францускиот судија Мишел Пикард. Бономи беше одреден да ја надгледува предсудската постапка. (ББС, Ројтерс, АФП, Дојче веле, ВОА, Ксинхуа - 29/08/08, Б92, РТС, Танјуг - 28/08/08)