28/08/2008
ПРИШТИНА, Косово -- Групи Албанци и Срби се судрија доцна во средата (27-ми август) во северниот дел на Митровица, објавија медиумите во четвртокот. Судирите се случија во населба населена со Албанци и Срби. Српските медиуми објавија дека четворица Срби биле повредени и дека возилата паркирани во близина биле оштетени. УНМИК и косовската полиција го запреа сообраќајот преку главниот мост што го поврзува јужниот и северниот дел од градот, во кој доминираат Срби.
Во другите вести од средата, портпаролот на УНМИК, Александар Иванко, на прес-конференцијата во Приштина изјави дека УНМИК не е во позиција да наметнува договори или решенија од 15-ти јуни. Наместо тоа, рече Иванко, улогата на мисијата е да се олесни дијалогот помеѓу Белград и Приштина.
Исто така во средата, косовскиот претседател Фатмир Сејдиу и премиерот Хашим Тачи се консултираа за кандидатите за амбасадори во Соединетите Држави, Велика Британија, Франција и Белгија. Косово, исто така, ќе отвори амбасади во Германија, Италија, Австрија, Швајцарија, Турција и Албанија. Владата планира да одвои околу 25 милиони евра за купување имоти за амбасадите и канцелариите за врски. (Teлеграфи, Кохавижн, Топ ченал, РТК, Б92, ТВ 21 - 27/08/08)