25/08/2008
ХАГ, Холандија -- Судењето на поранешниот српски претседател Милан Милутиновиќ и пет други обвинети во Хашкиот трибунал за воени злосторства треба да заврши во понеделник (25-ти август), но за пресудата можеби ќе требаат неколку недели или месеци, изјави портпаролката на Трибуналот Нерма Јелачиќ за Танјуг во неделата. Нема краен рок, објасни таа, додавајќи дека со оглед на големината на судскиот процес, на Трибуналот ќе му треба време за да донесе одлука. Милутиновиќ и петмина други поранешни високи српски функционери, наводно, извршиле воени злосторства во Косово во првата половина од 1999 година. Според обвинението, тие протерувале Албанци врз национална, верска и расна основа. Тие, исто така, наводно вршеле убиства, масовна депортација и други нехумани дејства врз цивилите. (Курир - 25/08/08; Taнјуг, РТРС - 24/08/08)