Хашкиот трибунал ги смени судиите во судењето на Караџиќ

22/08/2008

ХАГ, Холандија -- Судијата Патрик Робинсон од Јамајка и неговата комисија ќе ја надгледуваат сега подготвителната фаза од судењето против поранешниот водач на босанските Срби Радован Караџиќ, објави во четвртокот (21-ви август) Хашкиот трибунал за воени злосторства. Претседателот на Трибуналот, Фаусто Покар, во писмената изјава вели дека првично судијата Алфонс Ори требало да претседава со судењето, но дека тој ја направил измената поради можната поврзаност помеѓу судењето на Караџиќ и тоа на Момчило Крајишник, на кое комисијата, исто така, ја водеше Ори. Во вторникот Караџиќ побара Трибуналот да назначи нов судија, тврдејќи дека Ори ќе биде пристрасен поради тоа што го осудил Крајишник, еден од најблиските соработници на Караџиќ. Следното појавување пред судот на Караџиќ ќе биде за една недела. Полицијата го уапси минатиот месец. (ДПА, Ројтерс - 21/08/08)