20/08/2008
МОСТАР, Босна и Херцеговина (БиХ) -- Претседателот на најголемата бошњачка партија, Партијата за демократска акција (СДА), и претседателот на најголемата хрватска партија, Хрватската демократска заедница (ХДЗ) -- Сулејман Тихиќ и Драган Човиќ -- се состанаа во вторникот (19-ти август) во Мостар. Тие се обидуваат да ги премостат разликите пред состанокот в сабота на водачите на шесте партии во владејачката коалиција на државно ниво. Тихиќ и Човиќ се согласија дека не треба да се очекуваат конкретни чекори во поглед на уставните реформи пред март 2009 година. „Сите се согласуваме дека на уставот му се потребни промени, но сите имаме различни визии за тоа“, им рече Тихиќ на новинарите по состанокот. Тој, исто така, го обвини премиерот на Република Српска, Милорад Додик, дека е главна пречка во измената на уставот и го потврди ставот на СДА дека БиХ треба да стане група на децентрализирани мултиетнички региони. Човиќ додаде дека, без нов уставен поредок, БиХ нема да има ниту политичка, ниту економска стабилност, ниту ќе може да напредува во своите напори за интеграција во ЕУ. (Tопвијести, 24 Сата, Дневни аваз, Независне новине - 19/08/08)