19/08/2008
БЕЛГРАД, Србија -- Владата стои зад сите обврски предвидени во договорот за енергетска соработка со Русија, рече во понеделникот (18-ти август) српскиот премиер Мирко Цветковиќ. Србија и Русија потпишаа енергетски договор во јануари, со цел зајакнување на стратешката економска соработка. Пактот вклучува снабдување на гас, изградба на гасовод и директна продажба на државниот нафтовод и гасовод НИС на рускиот „Газпром“. Сите проекти поврзани со овој договор, вклучително и продажбата на НИС, треба да произлезат од одделни договори. Цветковиќ рече дека разговорите за продажба на НИС се во тек, како одговор на обвиненијата на опозициската Српска демократска партија, која рече дека владата се обидува да го укине договорот. Министерот за економија, Млаѓан Динкиќ, неодамна објави дека министерството ангажирало консултанти од „Делоит енд туш“, да ја проценат вредноста на НИС, посочувајќи дека Србија може да побара и повисока цена за мнозинските акции од претходно најавените 400 милиони евра. „Газпром“ неодамна ја отфрли можноста за повторно преговарање околу цената. (Бета, Б92 -18/08/08)
080819-WMI-004-ENG
Албанија на светската црна листа на шверц со деца за секс
TИРАНА, Албанија -- Коалицијата на организации за заштита на децата во Велика Британија ја опишува Албанија како земја со една од највисоките нивоа на шверц со деца за секс. Британските медиуми во неделата (17-ти август) ги објавија сознанијата, според кои Албанија, Гана и Камбоџа се домаќини на т.н. секс туризам со деца. Шверцерите ги носат децата од земјата на потекло, претежно во Велика Британија, за сексуална експлоатација. Извештајот го критикува британскиот правен систем за толерирањето на овој феномен, истакнувајќи истовремено дека повеќето педофили се наставници или волонтери кои работат во домовите за напуштени деца. Моментно, на британскиот државјанин Дејвид Браун, поранешен администратор на детскиот центар во Тирана, и двајца други странски државјани им се суди во Албанија за педофилија. (Toп ченал, Балканвеб, Нетпрес - 18/08/08)