11/08/2008
АНКАРА, Турција -- Според извештаите на медиумите, најмалку девет турски војници загинаа, а двајца се повредени во експлозијата на бомба покрај патот во провинцијата Ерзиничан во источна Турција, рано во понеделникот (11-ти август). Бомбата погодила возило што превезувало војници во близина на мостот во округот Кемах. Операциите за апсење на членовите на терористичката Курдистанска работничка партија (ПКК), кои се, наводно, причина за нападот, продолжуваат.
Во петокот ПКК ја презеде одговорноста за експлозијата која затвори дел од нафтоводот Баку-Тбилиси-Чејхан (БТЧ) минатата недела. Командантот на ПКК Бехроз Ердал предупреди дека групата ќе продолжи со напади на други економски цели, ако турските безбедносни сили продолжат со воените операции против курдските борци во Турција и преку границата во северен Ирак. Турските власти, пак, ја минимизираа можноста за саботажа, велејќи дека проблем во нафтоводот е откриен пред експлозијата. (Доган, ББС, Заман, Ројтерс, Хуријет, новинска агенција Анадолу - 11/08/08; Хуријет, Тркиш прес, Ксинхуа - 10/08/08; новинска агенција Анадолу, АФП, АП, Прес ТВ, новинска агенција Фират, Хералд трибјун - 09/08/08)