Приштина вели дека извештајот на ОН за Митровица е тенденциозен

08/08/2008

ПРИШТИНА, Косово -- Владините водачи во четвртокот (7-ми август) го опишаа извештајот на ОН за немирите на 17-ти март во северниот град Митровица како неточен и тенденциозен. Припадниците на КФОР и УНМИК извршија упад во судската зграда таму за да ги притворат српските судски службеници кои протестираа внатре. Следеа судири, кои резултираа со еден загинат полицаец на УНМИК и 150 повредени луѓе. Советот за безбедност на ОН во средата дискутираше за интерниот извештај во врска со овој инцидент. Претседателот Фатмир Сејдиу рече дека верува оти настаните од 17-ти март биле организирани од оние кои сакаат да го дестабилизираат Косово и рече дека интервенцијата на КФОР и полицијата на УНМИК била неопходна. Вицепремиерот Хајредин Куци рече дека извештајот на ОН е пристрасен, бидејќи интервенцијата на безбедносните сили била поттикната од криминалните активности на Србите.

Во другите вести од четвртокот, Сејдиу ја отфрли можноста за обновени разговори со Србија за политичкиот статус на Косово. Прашањето на статусот е затворано и „апсолутно нема шанси“ за нови разговори, истакна тој. Колумбија и Белизе се последните земји што го признаа Косово во четвртокот. (Зери, Експрес, Лајм Косова сот, Коха Диторе - 08/08/08; Teлеграфи, Кохавижн, РТК - 07/08/08)