Заниер рече дека соработката со ЕУЛЕКС е во интерес на Србија

03/08/2008

ПРИШТИНА, Косово -- Шефот на УНМИК, Ламберто Заниер, во петокот (1-ви август) рече дека Србија мора да соработува со ЕУ во врска со мисијата ЕУЛЕКС во Косово, бидејќи тоа е во нејзин сопствен интерес. „Србија сака да се доближи до Европа и за таа цел таа ќе мора да го унапреди и прошири дијалогот со Брисел за сите аспекти“, истакна тој во интервјуто за албанскиот сервис на ББС. Што се однесува до воспоставувањето на мисијата на ЕУ во северно Косово, ЕУЛЕКС ќе мора да се погрижи за тоа самиот во разговорите со Белград и со северно Косово, рече Заниер. „Не можам да им го наметнам ЕУЛЕКС на Србите, ниту сметам дека е тоа моја улога“, додаде тој.

Во другите вести, косовските власти во саботата се спротивставија на предлогот на Заниер за создавање специјална автономија во рамките на Косовската полициска служба (КПС) за нејзините етнички српски полицајци. Портпаролот на КПС, Ветон Елшани, рече дека секоја одлука поразлична од транзиција е неприфатлива. Создавањето паралелни команди во рамките на полициските сили „ќе биде чекор назад ... и ќе создаде сериозни оперативни проблеми“, истакна Елшани. (Ксинхуа - 03/08/08; ББС, Б92, Танјуг - 02/08/08)