03/08/2008
AНКАРА, Турција -- Министерот за внатрешни работи, Бесир Аталај, во саботата (2-ри август) рече дека членовите на терористичката Курдистанска работничка партија (ПКК) се одговорни за двојниот терористички напад во Истанбул минатата недела, при кој загинаа 17 лица, а повеќе од 150 беа повредени. Аталај за новинарите во Истанбул изјави дека десетмина осомничени им биле предадени на судските власти, вклучително и оние кои „лично учествувале“ во нападите. Осуммина од нив подоцна беа обвинети дека се членови на ПКК и беа притворени, а другите двајца беа ослободени, објави новинската агенција Анадолу. ПКК негираше каква било вмешаност во бомбашките напади. Аталај, исто така, објави дека во текот на истрагата, полицијата утврдила дека истите напаѓачи се одговорни за експлозијата на бомба во која беа повредени десет лица во едно надворешно кафуле во Истанбул на 15-ти јуни.
Во другите вести, војската објави дека членови на ПКК убиле петмина турски селски чувари во судирот во југоисточната провинција Сирнак доцна во петокот. Бунтовниците на ПКК отвориле оган кон чуварите, кои требало да се приклучат на антитерористичката операција во близина на ирачката граница. Турските воени сили, со поддршка на хеликоптери спроведоа потрага по милитантите. (Хуријет, новинска агенција Анадолу, СНН Турк, НТВ, Сабах, Заман, АФП, Ројтерс, АП - 02/08/08)