Јеремиќ го посети Иран за да побара поддршка за косовската иницијатива

30/07/2008

БЕЛГРАД, Србија -- Министерот за надворешни работи Вук Јеремиќ во вторникот (29-ти јули) ја започна дводневната посета на Иран, за време на која ќе присуствува на министерската конференција на Движењето на неврзаните. Ова е меѓународна организација на земји кои се сметаат себеси за слободни од официјални сојузи со или против кој било голем меѓународен блок на сили. Јеремиќ ќе им се обрати на учесниците на конференцијата и ќе одржи одделни состаноци со шефовите на делегациите од Монголија, Шри Ланка, Алжир, Брунеи, Кенија, Куба, Иран, Пакистан, Бутан, Лаос, Бангладеш, Сингапур, Венецуела, Панама, Чиле, Колумбија, Мароко, Сирија, Тунис и Боливија. Јеремиќ се очекува да лобира за иницијативата на Србија да се побара од Меѓународниот суд на правдата да одреди дали косовската еднострано прогласена независност е во согласност со меѓународното право. Србија планира да ја поднесе својата иницијатива на седницата на Генералното собрание на ОН закажана за септември. (Taнјуг, Б92 - 29/07/08)