22/07/2008
БЕЛГРАД, Србија -- Градското собрение во главниот град го избра членот на Демократската партија (ДС) Бранислав Белиќ за претседател во понеделникот (21-ви јули). Него го поддржаа членовите на Српската социјалистичка партија (СПС), Партијата на обединетите пензионери на Србија и Либерално демократската партија (ЛДП). Претставниците на Српската радикална партија и коалицијата Српска демократска партија-Нова Србија ја напуштија седницата.
Претходно истиот ден СПС конечно се согласи да формира нова владејачка коалиција во Белград, по неколку недели преговори. Истата ќе ја сочинуваат ДС, Г17 Плус, СПС и ЛДП, која ќе има значителна контрола над локалниот парламент. Веднаш откако овие партии постигнаа договор, започна шпекулацијата за пренесување на оваа формула на државно ниво, според која реорганизацијата на владата ќе ја опфати и ЛДП. Но, водачот на Единствена Србија, Драган Марковиќ, ја отфрли таа можност, инсистирајќи на зачувување на сегашната владејачка коалиција.
Во другите вести од понеделникот, парламентот ја одложи за две недели расправата за Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, во услови на силен отпор од страна на опозицијата. Претседателката на парламентот, Славица Ѓукиќ-Дејановиќ, рече дека дебатата сега засега е прекината, во надеж дека прозападната коалиција и опозицијата ќе можат да постигнат договор. (Блиц, ДПА, Танјуг, Бета, Б92 - 21/07/08)