18/07/2008
ПРИШТИНА, Косово -- Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, во четвртокот (17-ти јули) рече дека со оглед на новата реалност во Косово, УНМИК повеќе не може ефикасно да ги спроведува своите задачи како краткотрајна администрација. Во својот извештај за Косово, Бан рече дека приштинското прогласување независност го онеспособило УНМИК и дека мисијата е „суштински доведена во прашање, како резултат на дејствата што го преземаат властите во Приштина и косовските Срби“. Бан му даде инструкции на својот специјален претставник во Косово, Ламберто Заниер, да започне со реструктуирањето на УНМИК, за да може мисијата да се прилагоди на новата ситуација на терен. Советот за безбедност на ОН ќе расправа за извештајот следната недела.
Во другите вести од четвртокот, косовската Антикорупциска агенција објави дека претпријатија во државна сопственост ја сносат вината во повеќето случаи на сомневање за корупција, по што следи владата и судовите како јавни институции. Во својот редовен шестмесечен извештај, агенцијата објави дека 68 случаи на корупција регистрирани во првата половина од годината предизвикале загуби од 6 милиони евра на буџетот.
Во одделен извештај објавен од УНМИК во четвртокот Косово се рангира како најсиромашен регион во Југоисточна Европа и има највисока стапка на невработеност. Околу 53 отсто од населението живее под границата на сиромаштија, додека стапката на невработеност е помеѓу 45 и 50 отсто. (Коха Диторе, Експрес, Лајм, Зери - 18/07/08; РТС, РТК, Ројтерс, Кохавижн, Танјуг - 17/07/08)