17/07/2008
ЗАГРЕБ, Хрватска -- Ханс Свобода, известувачот на Европскиот парламент за Хрватска, во средата (16-ти јули), изјави дека очекува земјата да пристапи во ЕУ во 2012 година и покрај проблемите на Унијата со ратификувањето на Лисабонскиот договор. Свобода е во Загреб, каде што ќе се состане со претседателот Стипе Месиќ, премиерот Иво Санадер и претседателот на парламентот, Лука Бебиќ, на разговори околу напредокот на Хрватска кон членството.
Во меѓувреме, Месиќ во вторникот за парискиот весник „Ле Фигаро“ изјави дека очекува Хрватска да биде подготвена за ЕУ во 2009 година, додавајќи дека не очекува актуелната институционална криза во ЕУ да влијае на кандидатурата на земјата. Хрватска се надева дека ќе пристапи во ЕУ најдоцна до 2011 година. „Ќе ги забрзаме потребните реформи и веруваме дека ќе можеме да ги затвориме сите поглавја [од преговорите] до 2009 година“, рече Месиќ.
Во другите вести, најмалку две лица се стравува дека загинале, а осум се повредени рано во средата, откако српски автобус се запали во близина на Старо Петрово, Хрватска. Наводно, една од гумите на автобусот пукнала, по што тој удрил во заштитната ограда и се запалил. (РТС, Бета, АФП, Танјуг, ХРТ, Вечерњи лист, ХИНА - 16/07/08; Ле Фигаро, УПИ, Вечерњи лист, ХИНА, АФП, Фокус, АП - 15/07/08)