Косовските водачи заминаа во историска посета на Вашингтон

17/07/2008

ПРИШТИНА, Косово -- Претседателот Фатмир Сејдиу, премиерот Хашим Тачи и министерот за надворешни работи, Скендер Хисени, во средата (16-ти јули) замина во прва официјална посета на Соединетите Држави откако Косово прогласи независност во февруари. Набљудувачите очекуваат тие да побараат од Вашингтон да го искористи своето влијание за поддршка на нивните напори за проширување на глобалното признавање на Косово. Сејдиу рече дека ќе изрази специјална благодарност до американскиот претседател Џорџ В.Буш за силното залагање на Вашингтон за Косово во сите области. Делегацијата в петок ќе се состане со државниот секретар Кондолиза Рајс.

Во другите вести, шефот на УНМИК, Ламберто Заниер, во средата рече дека има потреба за враќање на законот и редот во северниот град Митровица. „Приоритет за УНМИК ќе биде да отвори суд во северниот дел од поделениот град“, рече Заниер.

Исто така во средата, Министерството за јавни услуги објави дека започна со подготовките за Косово да го спроведе својот прв попис во последниве 27 години. Процесот, ако биде одобрен од парламентот, ќе трае од 31-ви март до 15-ти април 2009 година. (Коха Диторе, Зери, Лајм, Кохавижн, Косовалајв - 17/07/08, Коха Диторе, Експрес, Лајм, Зери - 16/07/08)