02/07/2008
ПРИШТИНА, Косово - Данскиот министер за надворешни работи, Пер Стиг Молер, во вторникот (1-ви јули) во Приштина рече дека не треба да има паралелни српски институции во Косово и дека секоја поделба на Косово ќе биде неприфатлива. Молер, кој се состана со премиерот Хашим Тачи, рече дека планот за надгледувана независност на поранешниот претставник на ОН Марти Ахтисари обезбедува доволно гаранции за српското малцинство во Косово во поглед на зачувувањето на неговата култура, јазик и наследство.
Руското министерство за надворешни работи, од своја страна, во вторникот, издаде соопштение во кое се вели дека формирањето на парламентот на косовските Срби претставува логична реакција на „нелегалното“ еднострано прогласување независност од страна на Косово. „Собранието ... го одразува доминантното чувство во заедницата дека мора да се соочи со [својата] принудна интеграција во нелегалната формација на косовските Албанци“, се вели во соопштението.
Во другите вести, односите во косовската владејачка коалиција се заладија во вторникот, по смената во понеделникот на заменик-министерот за индустрија и трговија, Насер Османи. Тој е член на помалиот коалициски партнер, Демократската лига на Косово (ЛДК), која веднаш протестираше поради потегот и инсистираше на тоа дека премиерот Хашим Тачи од владејачката Демократска партија на Косово, да го врати Османи. Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу од ЛДК рече дека ја поддржува одлуката на Тачи за отпуштање на Османи поради разменетите навредливи коментари во парламентот со министерот за транспорт и телекомуникации, Фатмир Лимај. (Б92, Taнјуг, Макфакс, Фокус - 02/07/08; Косовалајв, Алсат, Ксинхуа - 01/07/08)