01/07/2008
СОФИЈА, Бугарија -- Претседателот Георги Парванов во понеделникот (30-ти јуни) рече дека е можно да иницира референдум за воведување на мнозински гласачки систем на изборите. Тој го повика парламентот да закаже референдум за ова прашање и посочи дека е можно да започне петиција за таа цел. Парванов претходно посочи дека ограничен број пратеници -- евентуално 30 од 240 -- би можеле да освојат места преку мнозинско гласање. Другиот предлог за кој се залага е воведување преференцијално гласање, кое ќе им овозможи на гласачите да го променат редот на кандидатите на партиските листи.
Во другите вести од понеделникот, министерот за внатрешни работи, Михаил Миков, рече дека сака да спроведе длабинско реструктуирање кое ќе ја оптимизира работата на безбедносните агенции и ќе овозможи поефикасна борба против криминалот и корупцијата. На состанокот на Конференцијата на работодавачите и индустријалците во Бугарија, Миков повика на подобра организација на персоналот на Министерството за внатрешни работи, додавајќи дека тоа не мора да значи отпуштања. Тој призна дека довербата на јавноста во полицијата не е висока, но рече дека реструктуирањето може да го промени тоа. (Сега, Дневник, 24 Часа, Труд - 01/07/08; бТВ, БНР, Дарик, Софија ечо - 30/06/08)