01/07/2008
СКОПЈЕ, Македонија -- Македонија и Косово во понеделникот (30-ти јуни) поставија триаголен знак, одбележувајќи го официјалниот почеток на одбележувањето на нивната 150-километри долга заедничка граница. Северната граница на Македонија со Косово никогаш не беше официјално одбележана, откако поранешната југословенска република стекна независност во 1991 година. Македонија и Косово формираа заедничка комисија за ова прашање во март, набргу откако Косово прогласи независност од Србија. Одбележувањето ќе продолжи во текот на летото, при што темпото ќе зависи од временските услови во планинските области, рече портпаролот на македонското Министерство за шумарство, Васко Андоновски. Тој додаде дека работниците во понеделникот одбележале 12 километри од границата.
Во другите вести од понеделникот, Питер Фејт, шефот на Меѓународната цивилна канцеларија во Косово, ја истакна важноста на распоредувањето на полициската и судската мисија на ЕУ -- ЕУЛЕКС -- низ цело Косово. Фејт, кој одржа заедничка прес-конференција со претседателот Фатмир Сејдиу по состанокот со Меѓународната управна група за Косово, рече дека се надева оти ЕУЛЕКС ќе биде распоредена наскоро на северниот дел од земјата, каде што доминира српското население, но одби да даде временска рамка. Тој, исто така, потврди дека што се однесува до меѓународната заедница, новоформираниот српски парламент во северно Косово нема „правен ефект“.
Во меѓувреме, нова анкета на ОБСЕ покажа дека КФОР е институција во Косово на која највеќе й се верува, по што следи Косовскиот полициски корпус. Испитаниците изразиле најголема недоверба во судството. Анкетарите ја спроведоа анкетата на крајот од минатата година, пред Косово да прогласи независност. (Кирилица, МИА, Макфакс, А1 ТВ, АП, Б92, ИНА, Ксинхуа - 30/06/08)