Романскиот претседател ја прифати кандидатурата на Команеску за министер за надворешни работи

15/04/2008

БУКУРЕШТ, Романија -- Дипломатот од кариера, Лазар Команеску, шеф на романската мисија во ЕУ, во понеделникот (14-ти април) беше избран за министер за надворешни работи, на местото на Адријан Чиориану. Премиерот Калин Попеску Таричеану го предложи Команеску, а претседателот Трајан Башеску ја прифати номинацијата. Команеску работи во Министерството за надворешни работи од 1972 година и има репутација на сериозен функционер. Тој претпочитува да унапредува дипломати од кариера, наместо политички кандидати. Чиориану поднесе оставка на крајот на минатата недела, преземајќи одговорност за смртта на романскиот државјанин во еден полски затвор. (Гандул, Евениментул зилеи - 15/04/08; Ромпрес, Медиафакс, Hotnews.ro, Реалитатеa - 14/04/08)