Регионални извори

Кој е кој, Избори

генерал мајор Игнацио Мартин Вилален

Командант на ЕУФОР, Босна и Херцеговина

(ЕУФОР - 05/12/07; АФП, ДПА, Ксинхуа - 04/12/07)
photo

Шпанскиот генерал мајор Игнацио Мартин Вилален го замени германскиот вицеадмирал Ханс-Јохен Витхауер на местото шеф на 2.500 припадници на силите на ЕУФОР во Босна и Херцеговина на 4-ти декември 2007 година. Тој е четврт командант на силите откако ЕУ ги презеде мировните задачи во БиХ од НАТО во декември 2004 година.

Вилален е роден на 13-ти мај 1947 година во Бургос, Шпанија. Тој ја започнал својата воена кариера во 1968 година, кога се запишал на Генералната воена академија. Четири години подоцна тој е унапреден во пешадиски поручник.

По две години служба во планинскиот баталјон и потоа во Шпанската легија во поранешна Шпанска Сахара, Вилален е унапреден во капетан во 1976 година и е поставен за воен инструктор во Подофицерската Академија во Тремп, северозападна Шпанија.

Во 1980 година тој е префрлен на факултетот Монтањ во североисточниот град Јаца, каде што бил командант на чета до 1986 година.

Истата година Вилален станува дел од Колеџот на Генералштабот и е промовиран во мајор. Потоа, три години работел во канцеларијата за политика на шпанското Министерство за одбрана.

Во 1992 година тој добил две задачи како воен набљудувач. Првата, која траела 10 месеци, била во Ел Салвадор. Втората, двомесечна тура, била во поранешна Југославија.

По неговото унапредување во потполковник, Вилален бил назначен за Г-4, или помошник-началник на Генералштабот, на Шпанските сили за брза реакција (ФАР) во 1994 година. Следната година тој се приклучил на Американскиот армиски воен колеџ во Карлисл, Пенсилванија, а подоцна и на шпанскиот Генералштаб.

Од април до август 1997 година Вилален ја предводел ќелијата за планирање на мултинационалната воена и хуманитарна мисија во Албанија, со мандат од ОН, наречена Операција Алба. Два месеци подоцна тој ја презел командата на шпанскиот „Пиринејски“ планински баталјон. На оваа позиција останал до јули 1998 година, кога е унапреден во полковник.

Вилален е назначен за заменик-командант на Копнената оперативна команда на шпанскиот Генералштаб во ноември 1998 година. Тој останал на оваа функција до декември 2000 година, кога ја презел командата на неговата земја во планинскиот полк „66 Америка“. Оваа задача ја завршил во декември 2002 година, а еден месец подоцна заминал за Косово, каде што бил Г-4 [помошник-началник на штабот] во седиштето на КФО во Приштина, до јуни 2003 година.

Вилален потоа е назначен за шеф на шпанскиот тим за врски со американската Централна команда во Тампа, Флорида.

По неговото унапредување во бригаден генерал во декември 2003 година, тој е назначен за командант на Генералната воена академија во Зарагоза.

Вилален, кој е унапреден во генерал мајор во декември 2006 година, бил воен командант на Барселона и Тарагона пред да ја преземе функцијата командант на ЕУФОР.

При преземањето на должноста на 4-ти декември 2007 година Вилален вети дека ќе работи на понатамошниот напредок во обезбедувањето и одржувањето на безбедноста и сигурноста во БиХ, за да може земјата да оди напред по патот кон својата европска интеграција.

„Останува да се заврши уште многу работа“, рече шпанскиот генерал по церемонијата на предавање во кампот Бутмир во Сараево. „ЕУФОР ќе го задржи своето присуство низ целата земја. Тоа ќе го одржува капацитетот за брзо распоредување каде што е потребно и брз одговор на секоја потенцијална закана по безбедноста и сигурноста.“

Кој е кој

Рен, Oли

27/01/2005

Архива