![]() |
Бамир Топи положи свечена заклетва на функцијата претседател на Албанија на 24-ти јули 2007 година, четири дена откако победи на изборите во парламентот за позицијата. Тој дојде на местото на Алфред Мојсиу.
Роден во Тирана на 24-ти април 1957 година, Топи е биолог по професија и има докторска титула во областа. По работењето во градот Петрела, тој станува дел од Институтот за ветеринарни студии во Тирана во 1984 година. Откако докторирал во Италија, Топи дошол на чело на институтот, односно бил негов директор од 1992 до 1996 година.
Тој беше избран за член на парламентот во 1996 година и беше назначен на местото министер за земјоделство, на кое останал до 1997 година, кога граѓанските нереди и општонародните протести ја принудија владејачката Демократска партија на Сали Бериша да ја напушти власта.
Топи, заменик-претседател на Демократската партија, оттогаш уште двапати беше избиран за член на парламентот и беше шеф на парламентарната група на партијата.
Пред официјалниот крај на петгодишниот мандат на Мојсиу на 24-ти јули 2007 година, политичките расправии помеѓу партиите во законодавниот дом на Албанија од 140 члена, резултираа со три неуспешни обиди за избор на следниот претседател на земјата, зголемувајќи ја можноста за предвремени парламентарни избори.
Топи беше избран на четвртото гласање, на 20-ти јули, со поддршка од 85 од вкупно 91 пратеник што присуствуваа на седницата, вклучително и неколку членови на опозициската Социјалистичка партија, кои го игнорираа повикот на партијата за бојкот на гласањето.
Доаѓајќи на позицијата четири дена подоцна, Топи вети дека ќе работи за интеграција на неговата земја во ЕУ и НАТО. „Сé мора да се промени додека се соочуваме со новите историски предизвици на албанскиот народ“, рече новиот претседател на почетокот од неговиот петгодишен мандат. „Албанија [доживува] историски моменти поврзани со нејзината демократска иднина, со нејзиниот пат без повраток кон евроатланското семејство.“
Топи е автор на голем број политички натписи и публикации од областа на биологијата.
Тој е оженет и има две ќерки.