Регионални извори

Кој е кој, Избори

Хашим Tачи

Prime Minister, Kosovo

(ДПA - 10/01/08; АФП, АП, Ројтерс, ДПА, СНН, ББС - 09/01/08; Британско министерство за надворешни работи и Комонвелтот, Википедиа)
photo

Хашим Тачи (39) официјално ја презеде функцијата премиер на Косово на 9-ти јануари 2008 година, скоро два месеци откако неговата Демократска партија на Косово (ПДК) победи на парламентарните избори на 17-ти ноември, прва победа на партијата од конфликтот во покраината во периодот 1998-1999 година. Тој дојде на местото на Агим Чеку. Тачи вети дека брзо ќе го води Косово до независност од Србија и дека ќе се погрижи да се почитуваат правата на сите малцински групи во покраината.

„Ние се подготвуваме да го направиме Косово независна и суверена држава на почетокот од годинава“, рече Тачи откако собранието од 120 пратеници гласаше со 85 наспрема 22 гласа за поддршка на коалициската влада помеѓу неговата ПДК и Демократската лига на Косово (ЛДК). „Ќе го претвориме нашиот сон и нашето право во реалност.“

Тачи е роден на 24-ти април 1968 година во Броцна, во централниот косовски регион на Дреница, упориште на вооружениот отпор на етничките Албанци против српската власт.

Студирал историја на Приштинскиот универзитет и бил студент активист во периодот 1989-1999 година -- период кој го одбележаа мирните протести на косовските Албанци против потегот на режимот на поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ за укинување на автономијата на покраината. Доследен поддржувач на идејата за отцепување на Косово од Србија, тој набргу потоа замина во илегала за да се приклучи на Ослободителната војска на Косово (ОВК), која беше формирана во 1993 година. Во средината од 1990-тите, тој емигрира во Швајцарија, каде што ги продолжува постдипломските студии по политички науки и се приклучува на албанската политичка мрежа.

Во периодот 1996-1997 година, ОВК изврши серија напади на српските водачи, полицијата и соработниците на Србите од косовските Албанци. На почетокот од 1998 година режимот на Милошевиќ започна остри мерки против бунтовниците, кои на крајот прераснаа во тотална војна. Познат по својот прекар „Змија“, Тачи стана политички водач на милитантната група.

Тој беше еден од претставниците на ОВК во делегацијата на косовските Албанци на меѓународно посредуваните мировни разговори што се одржаа во Рамбује, Франција, во периодот февруари-март 1999 година. Тачи застана на страната на Ибрахим Ругова, покојниот косовски легендарен водач и заговорник за мировен отпор против Србија, и стана водач на преговарачкиот тим на покраината и прифатен политичар. Откако српските претставници го отфрлија предложениот договор, потпишан од страна на косовските Албанци, разговорите пропаднаа на 19-ти март 1999 година.

Пет дена подоцна, НАТО започна воздушни напади, кои прекинаа на 10-ти јуни истата година, по прифаќањето од страна на Белград на политичкиот договор, вклучително и итен прекин на насилството и брзо повлекување на неговите воени, полициски и паравоени сили. Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН беше прифатена истиот ден, со што Косово беше ставено под администрација на УНМИК и беше одобрено распоредувањето на мировните сили предводени од НАТО (КФОР).

По крајот на конфликтот и растурањето на ОВК, Тачи ја формираше Народната демократска партија на Косово. Партијата ја одржа својата прва конвенција во мај 2000 година, избирајќи го поранешниот бунтовнички водач за претседател на партијата и скратувајќи го своето име во Демократска партија на Косово (ПДК).

На парламентарните избори во 2001 година партијата на Тачи заврши на далечното второ место по ЛДК на Ругова, освојувајќи 26 места. Потоа се приклучи на владата предводена од ЛДК, во која премиерското место го доби Бајрам Реџепи од ПДК. Иако изборите во 2004 година й овозможија на партијата на Тачи да ја зголеми својата парламентарна застапеност на 30 места, партијата повторно беше зад ЛДК и избра да не й се придружува на владата и да остане во опозиција.

Кога беше поддржан како петти премиер на Косово на 9-ти јануари 2008 година, Тачи посочи дека до прогласувањето независност остануваат уште „недели“, но тоа нема да биде усвоено без одобрение на клучните власти на Соединетите Држави и ЕУ.

Ветувајќи дека ќе служи како „премиер на сите граѓани на Косово“, Тачи се префрли од родниот албански на српскиот јазик во еден момент од својот говор, ветувајќи им на косовските Срби, кои се противат на независноста, дека неговата влада „ќе обрне специјално внимание на малцинските права“.

„Ќе дадеме сé од себе за да создадеме клима на толеранција во односите со малцинства, особено со српската заедница“, рече премиерот.

Tачи е оженет и има син.

Кој е кој

Рен, Oли

27/01/2005

Архива