![]() |
Калин Попеску Таричеану положи свечена заклетва како премиер на Романија на 29-ти декември 2004 година, еден ден откако центарско-десничарската коалициска влада што тој ја предложи беше одобрена од страна на Парламентот. Тој го замени Адријан Настасе од Социјал-демократската Партија.
Роден на 14-ти јануари 1952 година, Таричеану дипломирал на Институтот за градежништво во Букурешт, а магистрирал информатика и математика на Универзитетот во Букурешт.
Од 1976 до 1979 година Таричеану работел како инжењер во државната администрација за водостопанство во областа Аргес и во едно градежно претпријатие во Букурешт. Во периодот помеѓу 1980 и 1991 година работел како професор на Факултетот за хидротехника во Букурешт.
Во 1990 година го основа Радио Контакт, првата приватна радио мрежа во Романија. Две години подоцна тој станува генерален директор на Радио Контакт Романија, останувајќи на таа функција се до 1996 година.
Во 1994 година Таричеану ја основал Асоцијацијата на автомобилски производители и увозници и бил нејзин претседател до 1997 година. На истата функција бил реизбран во 2001 година.
Таричеану влезе во политиката веднаш по падот на комунизмот во Романија, основајќи ја Национал Либералната Партија (НЛП), откако таа беше повторно формирана на почетокот од 1990 година. Тој беше извршен секретар на партијата се до 1992 година и член на нејзиното уставотворно собрание во парламентот. Во 1993 година Таричеану беше избран за потпретседател на НЛП, а од 1996 година е пратеник во парламентот.
Таричеану беше беше заменик-премиер и министер за индустрија и трговија во кабинетот на поранешниот премиер Виктор Чорбеа од 1996 до 1997 година, кога започна реструктуирањето на рударскиот сектор во Романија. Меѓу постигнувањата што му се припишуваат на Таричеану се и реструктуирањето на нафтениот сектор на Романија и на романското Електростопанство.
Во 2003 година НЛП ја формира коалцијата Правда и вистина со Демократската партија на Трајан Басеску. Таричеану ја менаџираше кампањата на коалицијата за локалните избори во јуни 2004 година.
На почетокот од октомври 2004 година, кога Теодор Столојан се повлече од функцијата претседател на НЛП, Таричеану стана привремен претседател на партијата и копретседател на коалицијата Правда и вистина. Тој беше избран за пратеник во парламентот на 28-ми ноември 2004 година.
По победата врз Настасе на претседателските избори на 12-ти декември 2004 година, Басеску му го додели мандатот за формирање нова влада во земјата на Таричеану.
Презентирајќи му ја владината програма на парламентот, Таричеану вети дека ќе се бори против корупцијата и сиромаштијата и дека ќе ги спроведе потребните реформи за влез на земјата во ЕУ во 2007 година. Првиот чекор што го презеде неговиот кабинет беше намалување на данокот на доход и на добивка на фиксна стапка од 16 отсто, во обид да ја намали сивата економија во земјата и да ги поттикне странските директни инвестиции.
Таричеану е оженет и има две деца.