Регионални извори

Кој е кој, Избори

Борис Тадиќ

претседател на Србија

(Вести на ББС; Кинески дневен весник)
photo

Борис Тадиќ, претседател на Демократската Партија (ДС), е избран за претседател на Србија на 27-ми јуни 2004-та година, во вториот круг од претседателските избори победувајќи го неговиот противкандидат Томислав Николиќ од српската Радикална Партија.

Тадиќ е роден во Сараево, Босна и Херцеговина, на 15-ти јануари 1958-та година. Средно училиште завршил во Белград, а дипломирал психологија на Универзитетот во Белград.

Член на ДС од 1990-та година, Тадиќ стана министер за телекомуникации во коалиционата влада на демократските сили од ноември 2000-та до јуни 2001-та година. Тадиќ го презеде претседателството на ДС во февруари 2004-та година.

Тадиќ беше министер за одбрана на Србија-Црна Гора од март 2003-та до април 2004-та година. Тој стана познат по неговите реформи во армијата и идејата да испрати српски контингент на мисија во Авганистан во обид да ги подобри односите на неговата земја со НАТО.

Тој го направи Генерал-штабот директно одговорен пред министерството за одбрана за прв пат од Втората Светска Војна и промовираше модернизациски план насочен кон подготвување на вооружените сили за членство во програмата Партнерство за мир на НАТО.

Приврзаник на убиениот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ, Тадиќ вети дека ќе оди по стапките на својот претходник во трасирање на демократски, проевропски и пазарно-економски пат за Србија.

Тој, исто така, ги советуваше Србите да ја „заборават националистичката политика“ на поранешниот претседател Слободан Милошевиќ, кој ја остави земјата меѓународно изолирана.

Во текот на изборната кампања, Тадиќ вети дека ќе ја приближи земјата кон ЕУ, кажувајќи им на гласачите дека тоа е единствениот начин за да се обезбеди подобар живот за Србите.

Тадиќ се залагаше за соработка со Западот, мирно решение на косовскиот проблем, продолжување на реформите и членство во ЕУ за најкус можен период. Се очекува неговото претседателство да й помогне на Србија да го продолжи својот пат кон асоцијација со ЕУ, програмата Партнерство за мир и други европски и НАТО организации.

Претставниците на ЕУ ја поздравија победата на Тадиќ. Шефот на мисијата на ЕУ во Белград, Џефри Барет, рече дека Унијата е „мошне задоволна“ со изборот на Тадиќ.

Тадиќ е оженет и има четири деца. Зборува англиски и германски.

Кој е кој

Рен, Oли

27/01/2005

Архива