![]() |
Претставничкиот дом на парламентот на Босна и Херцеговина (БиХ) на 11-ти јануари 2007 година гласаше за назначување на босанскиот Србин Никола Шпириќ од Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД) за нов премиер на државата. Тој го замени Аднан Терзиќ од Муслиманската партија за демократска акција (СДА), првиот премиер на БиХ по конфликтот во периодот 1992-1995 година во земјата со четиригодишен мандат.
Шпириќ беше предложен за местото од страна на трипартитното претседателство на Бих повеќе од три месеци по општите избори на 1-ви октомври 2006 година.
Роден на 4-ти септември 1956 година во Дрвар, западна БиХ, Шпириќ завршил средно образование во Сараево, каде што, исто така, ги завршил и додипломските и постдипломските студии. Тој дипломирал економија (ББЕ) на Економскиот факултет при Универзитетот во Сараево во 1980 година и, исто така, магистрирал и докторирал на економски науки. Неговата докторска теза е за монетарните и јавните финансии.
Шпириќ му се приклучи на Економскиот факултет при Универзитетот во Сараево во 1980 година, работејќи како истражувач до 1992 година. Потоа станува предавач за монетарни и јавни финансии на Универзитетот во Бања Лука.
Неговата политичка кариера започнува во 1990 година, кога е избран за член на Претставничкиот дом на парламентарното собрание на БиХ, функција која ја вршеше во следните десет години. Во 2000 година Шпириќ беше избран за заменик-министер за човекови права и бегалци во централната влада на БиХ. Од 2001 до 2006 година тој беше претседател и заменик-претседател на Претставничкиот дом на парламентот на БиХ.
На 4-ти јануари 2007 година трипартитното претседателство на БиХ издаде декрет со кој го номинира Шпириќ за претседател на министерскиот совет на БиХ. Овој потег уследи еден ден откако седумте партии кои победија на изборите на 1-ви октомври постигнаа договор за новиот премиер и распределбата на министерските места во неговата влада, која ја сочинуваа членови на трите главни етнички групи на оваа балканска нација – Бошњаци, Хрвати и Срби. Партиите, истото така, се согласија за целокупната стратегија, чии главни цели вклучуваа уставни реформи, зголемување на странските инвестиции и исполнување на условите за потпишување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, како и на предусловите за пристап во НАТО.
„Ќе сторам сé за да биде подобар секој ден за оваа земја и нејзините граѓани“, вети Шпириќ по неговата официјална номинација. „Босна и Херцеговина се соочува со големи предизвици во следните четири години и јас имам намера да зборувам помалку, а да работам повеќе.“
Во своето обраќање пред членовите на Претставничкиот дом на парламентот на БиХ пред истиот да гласа за негово назначување за нов премиер на земјата на 11-ти јануари Шпириќ ги наведе безбедноста и стабилноста на БиХ и нејзините ентитети, економскиот развој и процесите на интеграција во ЕУ и НАТО за свои главни приоритети.
Шпириќ е оженет и има две деца.