Регионални извори

Кој е кој, Избори

Хавиер Солана

Генерален секретар на Советот на ЕУ и висок претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика

(ЕУ; НАТO; Западноевропска унија; Eux.tv; Ројтерс, AФП, Индипендант - 12/02/04; AФП - 14/12/03; Интернешнал хералд трибјун - 13/12/03;АП, ББС - 14/03/02)
photo

Хавиер Солана доби втор петгодишен мандат како генерален секретар на Советот на ЕУ и висок претставник на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика (ЦФСП) во јули 2004 година. Тој, исто така, беше генерален секретар на Западноевропската унија (ВЕУ) од ноември 1999 година.

Солана е роден на 14-ти јули 1942 година во Мадрид, Шпанија. Дете на видно шпанско семејство, тој се стекнал со докторска титула по физика и бил Фулбрајт стипендист на неколку американски универзитети. Предавал физика на цврстите тела на Мадридскиот универзитет Комплутенсе пред да влезе во политиката.

Солана, кој станал член на Шпанската социјалистичка партија во 1964 година, бил познат како радикал во неговата младост под режимот на генерал Франциско Франко. Тој е член на шпанскиот парламент од 1977 година.

Солана вршел голем број владини функции во четири влади предводени од шпанскиот социјалистички водач Фелипе Гонзалес помеѓу декември 1982 и јули 1988 година, а истовремено бил и владин портпарол во половината од тој период. Потоа бил министер за образование и наука од јули 1988 до јули 1992 година, кога станал министер за надворешни работи во убедената про-НАТО влада во Мадрид. Оваа функција ја напуштил во декември 1995 година, кога станал генерален секретар на НАТО.

Мандатот на Солана како шеф на Алијансата бил во периодот на интензивен ангажман на НАТО на Балканот. Неколку дена по преземањето на новата функција, во Босна и Херцеговина (БиХ) биле распоредени мултинационалните Сили за спроведување (ИФОР), кои ги спроведуваа воените аспекти од Дејтонскиот мировен договор. За време на косовската криза, НАТО ги насочи воздушните напади против Србија во пролетта 1999 година. Во јули 1997 година тој претседаваше со самитот на НАТО во Мадрид, каде што Чешката Република, Унгарија и Полска станаа први од поранешните комунистички земји што добија покана да започнат разговори за влез во тогашната Алијанса од 16 земји.

„Тој е извонреден за создавање консензус, кој работи зад сцената со водачите на двете страни на Атлантикот за да го загарантира единството на НАТО кога е тоа важно“, рече американскиот амбасадор во НАТО, Александар Вершбау, за Солана во тоа време.

Во октомври 1999 година, Солана го напушти НАТО за да стане генерален-секретар на Советот на ЕУ и негов прв „висок претставник“ за ЦФСП, со задача да ги претставува идеите и да ги анализира политичките опции кои помагаат водачите на ЕУ да се согласат за надворешните и безбедносните политички прашања, со што Унијата добива поголемо политичко влијание врз меѓународните прашања.

За време на самитот на ЕУ во декември 2003 година во Брисел, шефовите на држави и влади од тогашните 15 земји-членки едногласно го одобрија првиот официјален документ за безбедносната стратегија на блокот, подготвен во рамките на надлежностите на Солана. Европската безбедносна стратегија на 14 страници ги истакнува решавањето на далечните, како и блиските закани и градењето безбедност во европската средина како клучни цели во напорите на ЕУ за одбрана на својата безбедност и промовирање на своите вредности. Документот, исто така, истакнува дека ЕУ со тоа не бара раскинување на сојузот со Северна Америка.

Солана е шеф на Европската одбранбена агенција, која беше формирана во јули 2004 година, во обид да се зајакнат европските одбранбени капацитети во областа на управувањето со кризи и одржувањето на европската безбедносна и одбранбена политика.

Тој, исто така, ја претставува ЕУ во Блискоисточниот квартет -- групата од четири членки вклучена во посредувањето во мировниот процес на израелско-палестинскиот конфликт, во која влегуваат и ОН, САД и Русија.

Солана е член и на Шпанската повелба на Римскиот клуб.

Тој е оженет и има две деца.

Кој е кој

Рен, Oли

27/01/2005

Архива