![]() |
Фатмир Сејдиу стана претседател на Косово на 10-ти февруари 2006-та година, заменувајќи го Ибрахим Ругова, кој почина од рак на белите дробови на 21-ви јануари. Висок член на најголемата партија во Косово, Демократската лига на Косово (ДЛК) и долгогодишен сојузник на неговиот претходник, тој беше избран на функцијата претседател од страна на собранието, кое брои 120 пратенички места, со 80 гласа за и 12 гласа против.
Сејдиу е роден на 23-ти октомври 1951-та година во селото Пакастица, во близина на градот Подујево во северниот дел на Косово, каде завршил основно и средно образование. Дипломира на Правниот факултет на Универзитетот во Приштина и докторира правни науки. Работи како професор на Правниот факултет и на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Приштина.
Во времето кога е избран, Сејдиу беше генерален секретар на ДЛК, шеф на неговата парламентарна група и член на претседателството на собранието. Тој е водечки член на ДЛК од нејзиното формирање во раните 1990-ти од страна на група интелектуалци, предводени од Ругова.
Сејдиу беше прв пат избран за пратеник во парламентот на Косово во ноември 2001-та година, кога провинцијата ги одржа првите слободни избори по завршувањето на конфликтот од 1998 до 1999-та година.
Тој е еден од авторите на Уставната рамка на Косово во 2001-та година.
Сејдиу се смета за умерен политичар, но помалку од идеалист во споредба со Ругова, симболот за независно Косово.
Кандидатурата на Сејдиу за функцијата претседател беше официјално потврдена на 7-ми февруари. Единствен предложен за претседателството, тој беше избран десет дена пред почетокот на клучната фаза во преговорите за финалниот статус водени од ОН, седум години откако провинцијата стана де факто протекторат на ОН.
Сејдиу, чиј избор за претседател го направи и шеф на косовскиот преговарачки тим, се обврза дека ќе се стреми за исполнување на барањето на Косовските Албанци за независност од Србија.
„Ќе дадам се од себе за успешно завршување на преговорите во 2006-та година“, вети Сејдиу на 10-ти февруари. „Независноста на Косово не е неостварлива“.
Сејдиу течно говори албански, англиски и француски.
Живее во Приштина со неговата сопруга и трите деца.