![]() |
Николас Саркози ја презеде претседателската функција на 16-ти мај 2007 година, десет дена откако победи во вториот круг од изборите, на кој тогашниот водач на Унијата на народното движење (УМП) се соочи со противкандидатот од Социјалистичката партија, Сеголен Ројал. Тој го наследи Жак Ширак, кој ја вршеше оваа функција од 1995 година.
Роден на 28-ми јануари 1955 година, Николас Пол Стефан Саркози де Наги-Боча, е син на унгарски имигрант со аристократско потекло и мајка Французинка со грчко-еврејско потекло. Магистирал на приватно право во 1978 година и се стекнал со адвокатска лиценца во 1981 година, кога исто така докторирал на политички науки на парискиот Институт за политички науки.
Во 1977 година Сакрози станува општински советник во Неји сур Сен. На 28 година тој е избран за градоначалник на ова богато париско предградие и останува на таа функција од 1983 до 2002 година.
Од 1986 до 1988 година Саркози е заменик-претседател на одделот на От де Сен, задолжен за култура, како и пратеник на От де Сен (6-та изборна единица) од 1988 до 2002 година. Две години подоцна тој е избран за претседател на генералниот совет на От де Сен.
Во 1988 година Саркози станува државен секретар на партијата на Ширак Собир за Републиката (РПР), задолжен за младите и обуките, а во 1989 година партиски државен секретар за младински активности, млади и обука. Помеѓу 1992 и 1993 година тој е назначен за заменик генерален секретар на РПР задолжен за регионалните федерации.
Саркози, член на политичкото биро на РПР од 1993 година, станува генерален секретар на партијата во 1998 година, а потоа и нејзин привремен претседател од април 1999 година до октомври таа година. Во мај 2000 година, тој е избран за претседател на окружната комисија на РПР.
Саркози ја врши функцијата министер за буџет од 1993 до 1995 година и министер за комуникации од 1994 до 1995 година, во времето на премиерот Едуард Баладур, вршејќи ја истовремено во целиот тој период и функцијата владин портпарол.
Во мај 2002 годин тој станува министер за внатрешни работи во владата на премиерот Жан-Пјер Рафарин, вршејќи ја оваа функција до 2004 година, кога е назначен за министер за економија, финансии и индустрија. Тој поднесува оставка од функцијата на 29-ти ноември истата година, еден ден откако е избран за претседател на Унијата на народното движење (УМП), наследник на РПР, исто така, предводена од Ширак.
Во април 2004 година Саркози е избран за претседател на генералниот совет на От де Сен.
Во јуни 2005 година тој е повторно назначен за министер за внатрешни работи, во мандатот на премиерот Доминик де Вилпен. Жесток бранител на правото и редот, тој зазема остра позиција за време на немирите во 2005 година во Париз и спроведува мерки за намалување на нелегалната имиграција, со истовремено промовирање на интеграцијата на квалификуваните имигранти во француското општество.
Во јануари 2007 година, УМП го избра Саркози за свој официјален кандидат за претседателските избори на 22-ри април истата година. За време на кампањата тој вети дека ќе ја замени корупцијата и непотизмот во земјата со „беспрекорна република“, ако биде избран.
Тој доби најголем број гласови во првиот круг, но не успеа да постигне директен избор.
Во вториот круг од изборите на 6-ти мај 2007 година тој освои 53 отсто од гласовите.
„Ќе се борам за Европа која заштитува бидејќи европскиот идеал е да ги заштитува граѓаните на Европа“, рече Саркози по положувањето на свечената заклетва на 16-ти мај 2007 година.
На 1-ви јули 2008 година Франција го презеде претседателството на ЕУ од Словенија.
Тој е оженет и има три сина.