![]() |
Иво Санадер беше назначен за премиер по победата na неговата партија, Хрватската демократска заедница (ХДЗ), на општите избори кои се одржаа кон крајот на ноември 2003-та година. Meѓу неговите главни приоритети тој ја вброи и интеграцијата во ЕУ и во НАТО.
Санадер е роден на 8-ми јуни 1953 година во Сплит, Хрватска. Завршил Компаративна книжевност и романски јазици на Универзитетот Инсбрук во Австрија.
По неговотo враќање во Хрватска, Санадер работел во одделот за маркетинг на туристичката агенција Далмацијатурист. Во 1988 година станал главен уредник во издавачката куќа Логос. Во тоа време, исто така, бил и еден од уредниците на списанието Могуќности (Можности). Во 1991 година станал директор на Народниот театар во Сплит.
Во август 1992 година, откако беше избран во Претставничкиот дом на Хрватскиот парламент, Санадер беше назначен за министер за наука и технологија, позиција на којашто остана до јануари 1993 година.
Веднаш потоа Санадер беше назначен за заменик-министер за надворешни работи. За време на извршувањето на оваа нова функција, тој учествуваше во билатералните разговори кои доведоа до формирање на хрватско-муслиманската Федерација на Босна и Херцеговина (ФБиХ). Тој, исто така, потпомогна во преговорите за укинување на визниот режим за хрватските граѓани кои патуваат во Грција. Во овој период, Санадер стана член на Централниот комитет на неговата партија.
Кон крајот на ноември 1995 година, по Дејтонскиот мировен договор, Санадер ја напушти функцијата во Министерството за надворешни работи за да стане шеф на кабинетот на тогашниот хрватски претседател, Фрањо Туѓман, кој го назначи и за генерален секретар на Националниот совет за одбрана и безбедност и зa член на Претседателскиот совет.
Во јануари 1996 година, Санадер стана член на Здружениот совет за соработка помеѓу Хрватска и ФБиХ. Подоцна, тoj по вторпат беше назначен за заменик-министер за надворешни работи.
Во 1998 година беше избран за претседател на ХДЗ и работеше за модернизирање и зајакнување на неговата партија.
"Мои приоритети се зголемување на домашниот животен стандард, интеграција во НАТО и во ЕУ, како и решавање на отворените прашања со нашите соседи", изјави Санадер откако беше назначен за премиер од страна на хрватскиот претседател, Стипе Месиќ. Тој истакна дека ХДЗ расчистилa со нејзиното авторитативно минато и дека сега претставува главна конзервативна партија.
Санадер е оженет и е татко на две ќерки.