Регионални извори

Кој е кој, Избори

Небојша Радмановиќ

член на претседателството, Босна и Херцеговина

(AП, ДПА, АКИI - 06/11/06; официјална веб-страница на претседателството на БиХ, Википедија)
photo

Небојша Радмановиќ стана член на трипартитното претседателство на Босна и Херцеговина (БиХ) на 6-ти ноември 2006 година, пет недели по општите избори во земјата. Тој, како претставник на српската заедница во БиХ, и другите двајца членови на заедничкото претседателство, Бошњакот Харис Силајџиќ и Хрватот Жељко Комшиќ, беа избрани со директно гласање на народот, со четиригодишен мандат, на местото на Борислав Паравац, Сулејман Тихиќ и Иво Миро Јовиќ. На 6-ти ноември 2006 година Радмановиќ стана првиот што го презеде осуммесечното ротирачко претседавање со претседателството.

Радмановиќ е роден на 1-ви октомври 1949 година во Грачаница. Дипломирал на Филозофскиот факултет при Белградскиот универзитет. Во текот на својата професионална кариера, тој бил директор на Архивот на Босанска Краина и на Архивот на Република Српска, директор на Народниот театар на Бања Лука, претседател на извршниот одбор на градот Бања Лука, член на парламентот на Република Српска и министер за администрација и локална самоуправа на Република Српска.

Член на Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД), Радмановиќ беше избран во претседателството откако освои 53,26 отсто од гласовите на босанските Срби.

На инаугуративната седница на 6-ти ноември 2006 година тој ги истакна европската интеграција, етничкото помирување и економската обнова како клучни цели за БиХ.

„Босна и Херцеговина мора да оди напред. Ние мора да станеме вистински дел од Европа“, рече Радмановиќ. „Мандатот што го добив го сметам за обврска. Имам голема обврска кон големиот број граѓани на Република Српска што гласаа за мене, но, исто така, и кон оние што не гласа за мене. Имам обврска кон секој граѓанин на Босна и Херцеговина. И јас ќе ја исполнам.“

Радмановиќ е автор на неколку стручни и научни публикации и неколку книги.

Тој е женет и има две деца.

Кој е кој

Рен, Oли

27/01/2005

Архива