![]() [Getty Images] |
Поранешниот фински претседател Марти Ахтисари беше назначен за специјален претставник на ОН за политичкиот процес на одредување на идниот статус на Косово на 14-ти ноември 2005 година.
Ахтисари е роден на 23-ти јуни 1937 година во Виипури, Финска. Дипломирал на Универзитетот во Оулу, Финска, во 1959 година. Триесе години подоцна, истиот му додели почесна докторска титула.
Ахтисари се вработил во финското Министерство за надворешни работи во 1965 година, и во текот на следните седум години врши најразлични функции во неговото Биро за техничка соработка, вклучително и функцијата помошник директор од 1971 до 1972 година. Потоа, тој е назначен за заменик директор на Одделот за меѓународна развоја соработка при министерството, функција која ја врши до 1973 година. Во меѓувреме, тој е и член на владиното советничко тело за трговија и индустрија и индустријализација на земјите во развој.
Од 1973 до 1976 година Ахтисари бил амбасадор на Финска во Танзанија. Во последната година од својот тригодишен мандат, тој добива акредитација за вршење на амбасадорската функција и во Замбија, Сомалија и Мозамбик и бил член на Сенатот на Институтот на ОН за Намибија. Во 1977 година е назначен за комесар на ОН за Намибија. На оваа позиција останал до 1981 година, вршејќи ја истовремено и функцијата на специјален претставник на генералниот секретар на ОН за земјата.
Од 1984 ди 1986 година Ахтисари бил државен потсекретар во финското Министерство за надворешни работи, каде што ја надгледувал меѓународната развојна соработка. Тој, исто така, бил гувернер за Финска во Африканската банка за развој, Азиската банка за развој и Интерамериканската банка за развој, како и Меѓународниот фонд за развој на земјоделството. Во текот на истиот овој период тој го предводел и Одборот на директори на Финскиот фонд за индустријализација на земјите во развој.
Од 1-ви јануари 1987 година до 30-ти јуни 1991 година, Ахтисари беше генерален потсекретар на ОН за администрација и менаџмент. Во меѓувреме, помеѓу 1989 и 1990 година, тој повторно беше специјален претставник на генералниот секретар на ОН за Намибија и ја предводеше операцијата на ОН (УНТАГ) во таа земја. Тој се врати во финското Министерство за надворешни работи во јули 1991 година, како државен секретар.
Од почетокот на септември 1992 година до средината на април 1993 година, Ахтисари претседава со работната група за Босна и Херцеговина на Меѓународната конференција за поранешна Југославија. Од почетокот на јули 1993 година тој четири месеци ја врши функцијата специјален советник на Меѓународната конференција за поранешна Југославија и на специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН за поранешна Југославија.
Ахтисари победи на претседателските избори во 1994 година во Финска како кандидат на Социјалдемократската партија на земјата. Тој беше претседател на Финска од 1-ви март 1994 година до 1-ви март 2000 година.
По заминувањето од функцијата, Ахтисари основа невладина организација, Иницијатива за справување со кризи, со чиј одбор претседава. Во неговите пост-претседателски години, тој ја врши функцијата на копретседател на Источно-западниот институт со седиште во Њујорк (до септември 2005 година), член на заедничката советничка група за Институтот Отворено општество и фондацијата Сорос и претседател на Балканската детска и младинска фондација и Глобалниот акционен совет на меѓународната младинска фондација. До 2003 година тој е член и на Одборот на директори на Меѓународниот институт за демократија и изборна помош (ИДЕА), а до 2004 година претседател на Меѓународната кризна група, со седиште во Брисел.
Во 2005 година Ахтисари ги предводи мировните преговори помеѓу Движењето за слободен Ацех и индонезиската влада. Договорот постигнат во август истата година значеше крај на 30-годишниот вооружен конфликт во индонезискиот регион Ацех.
Три месеци подоцна, Ахтисари е назначен за специјален претставник на ОН за процесот на решавање на статусот на Косово.
По тримесечниот период на шатл-дипломатија, на 20-ти февруари 2006 година во Виена започнаа директни разговори помеѓу српските претставници и претставниците на косовските Албанци. Преговорите не резултираа со договор, бидејќи двете страни останаа со „дијаметрално спротивставени“ ставови. На 26-ти март 2007 година Ахтисари му го претстави на Советот за безбедност на ОН својот предлог за решение, кој предвидуваше на Косово да му се даде меѓународно надгледувана независност.
Косовското мнозинство на етнички Албанци го прифати планот, но Србија веднаш го отфрли, повикувајќи на понатамошни преговори. Поддржувајќи ја позицијата на Белград, Русија ја блокираше одлуката на Советот за безбедност, за поддршка на предлозите на Ахтисари за решение и беше формирана тројка на ЕУ, САД и Русија да ги предводи новите разговори помеѓу Белград и Приштина. Преговорите завршија на 10-ти декември 2006 година, повторно без договор.
На крајот, Косово усвои еднострана декларација на независност на 17-ти февруари 2008 година, ветувајќи дека ќе го спроведе планот на Ахтисари.
Покрај мајчиниот фински јазик, Ахтисари говори и шведски, француски, англиски и германски.
Тој е оженет и има син.